На денешната седница на Државниот кризен штаб, донесена е одлука, за времетраење на претстојниот викенд и се додека општо трае полицискиот час, активистите за благосостојба на бездомните животни, да можат по два часа дневно да се движат со цел да може да се нахранат бездомните животни.
-За таа цел, секое регистрирано друштво за заштита на правата на животните, потребно е до утре (16.04.) до Министерството за администрација и информатичко општество да достави заверен список – барање со потребните податоци содржани на веб страната, од по пет активисти од секое здружение, кои ќе добијат дозволи за времено движење во текот на полициски час и после викендот, а со цел да се нахранат бездомните животни, вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на неговиот Фејсбук профил.
Оваа одлука доаѓа по реакција на здруженијата за заштита на бездомните животни, кои побараа итни мерки, односно веднаш да се овозможат дозволи за движење на активистите, контролирано, временски ограничено и одговорно, кои под своја грижа имаат стотици бездомни кучиња. Активистите за заштита на животните особено реагираат поради фактот што, според „Анима мунди“ , кинолози добиваат дозволи за движење и спроведување активности во полициски час, грижа на одгледувачници кои генерираат профит, а постојат „на диво“, додека за активисти за права на животните, кои се грижат неретко и за цели стационари бездомни кучиња и на тој начин помагаат во решавање на проблемот на општините- дозвола нема.
-Активистите не се престапници за да дејствуваат скришно, криејќи се од полицијата, туку хумани граѓани кои во овие времиња на криза не можат да запрат со грижата на оние кои зависат од нас, а тоа се животните, велат од „Анима мунди“.