Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе Обвинителен предлог против едно 22-годишно лице од село Буковиќ, кое се обидело да стори кривично дело – Убиство на миг, соопштија од ОЈО Скопје.
-Обвинетиот на 30.08.2019 година, на автобуска станица на влезот на селото Арнакија, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад, се обидел да лиши од живот едно лице. Имено, обвинетиот и едно лице-сведок со автомобил застанале на автобуската станица, при што настанала расправија меѓу нив и лице кое стоело на станицата. Тоа лице го повикало оштетениот и му се пожалило дека сакаат да го убијат. Со намера да ги спречи да се пресметаат, оштетениот со палка го удрил обвинетиот во пределот на главата и му нанел раздерно-нагмечна повреда. Повредата кај обвинетото лице генерирала силен афект на страв и краткотрајна промена на свеста и на перцепциите, па тој реагирал импулсивно-нагонски, информираат од обвинителство.
Притоа, според Обвинителниот предлог, обвинетиот од огнено оружје – пиштол со калибар 6,35 мм кој го носел со себе, испукал кон оштетениот три пати, нанесуваjќи му три прострелни рани. Оштетениот почнал да бега, по што обвинетиот уште неколкупати пукал кон него, но не го погодил.
Надлежниот јавен обвинител до Судот достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, ценејќи дека постои опасност од бегство. Притоа, обвинителот го имаше предвид видот, карактерот и тежината на кривичното дело, начинот на извршување и последиците, висината на запретената казна, како и фактот што обвинетиот по сторување на кривичното дело неколку месеци бил недостапен на органите на прогонот.
МИА