#Седидома: Во мир и тишина доаѓаат најголемите идеи вели Даниел Јовески, режисер и продуцент – ММС
ММС

Објавено на: 04/15/20 10:24 AM

#Седидома: Во мир и тишина доаѓаат најголемите идеи вели Даниел Јовески, режисер и продуцент

Човекот кој се потпишува зад видеата на најпознатите македонски поп звезди, Даниел Јовески, вели дека овој период за него и не е голема промена, бидејќи креативците вообичаено  се во својот „карантин“ цело време.

„ Ние креативците, продуцентите и режисерите во глобала сме во карантин цело време во студио, ама овој тип на карантин каде сме дистанцирани од се, е нешто што на сите ни требаше, подобро да се спознаеме себеси и да ставиме  пауза на  трката со животот,  да дадеме фокус на конкретни работи, затоа што не можеш да знаеш се, и не можеш да имаш се. Тоа е клучот, така ќе станеме вистинско човечко битие“-вели Даниел Јовески.

Тој открива дека работата му е моментално стопирана, па времето го поминува во своето студио,свирејќи на различни инструменти, а ги има доволно за секој ден да свири на различен.

„ Со променети работни услови, скоро невозможни за да се функционира , без директните  контакти со колегите, без културни настани,  кино, концерти, фестивали, без социјални движења не сме под диктат на потрошувачката и профитот. Сега го имаме целото време на светот за себе и за семејството. Мене низ студио ми е забавно ,имам многу различни музички инструменти за да свирам секој ден од месецот на различен инструмент“-открива Јовески, а очигледно е дека загарантирано друштво му е неговиот миленик, кучето Бубу.

Охридскиот режисер и продуцент, кој ги проби и балканските врати цели дека овој карантин му е дури и  добредојден, и го разбира како универзумски тест

„Можам да кажам дека овој карантин ми е и тоа како добредојден, зошто едноставно не знаев за одмор веќе подолг период , на проектите никогаш доста. Ова ми дојде како универзумски тест, за да се нурнам  длабоко во себе и да се подзамислам малку повеќе дали до сега сум се движел во правата насока или ми залутал gps-от. Оваа изолација за нас креативците и авторите е одлична зошто можеме да го извлечеме максимумот од својот потенцијал и да твориме на мир. Во мир и тишина доаѓаат најголемите идеи, кога ќе се почуствува  благодетот од четирите ѕида.  Тогаш не се тркам и натпреварувам со никој на светот, единствен натпреварувач ми е другото јас, и секој ден е нова рунда“-Вели искрено Даниел за ммс.мк.

Режисерот признава дека нема да биде лесно да се одвикнеме од наметнатото животно  темпо, кога немавме време за ништо, но можеби карантинот доволно долго ќе трае за да се регенерираат сите келии и да се сфати филозофијата на животот.

„На сите сакам да им порачам да ги почитуваат препораките од Светската здравствена организација и да слушаат многу музика, да се одмараат, да вежбаат, да читаат добри книги што има во нив контраст , да бидат креативни и да ја проучат повеќе уметноста, и откако ќе помине целата оваа ситуација со вирусот и со изолацијава од надвор,  да се потрудиме да се изолираме од интернет и социјални мрежи, бидејќи не оттргнаа од нас самите и не натераа да живееме во нереален свет.да почнеме да го користиме целото време многу порационално, и да пробаме да научиме да живееме во хармонија со природата и животните“-вели Даниел.

Јовески до сега секоја година од 2014 до 2019 беше наградуван на фестивали од сличен карактер во Албанија за регионот (Албанија, Црна Гора, Косово и Македонија) во категории: најдобро видео, режија, приказна , дует и највисок рејтинг, a годинава видео спотовите за „Мајко“ од Влатко Лозаноски, и „Горе или доле“ од ДНК, беа номинирани за најдобри видеа на MAC ( Music awards ceremony).