Најголемиот православен празник оваа година во Охрид ќе помине во сенка на мерките за справување со коронавирусот. Согласно препораките на здравствените власти за спречување на ширењето на болеста, Велгиденските богослужби ќе се вршат без присуство на верници.
Со цел празничната атмосфера да стигне во секој православен дом, на иницијатива на Лајонс-клубот „Лихнидос”, порталот „OhridNews” и „Мега продукција”, а со благослов на Дебарско – кичевската епархија и поддршка на Град Охрид, преку „YouТube” ќе се врши директен пренос од Велигденската богослужба во храмот Плаошник на 18 април со почеток во 23:30 часот, со која ќе чиноначалствува Владиката Тимотеј, со неколкумина свештеници.
Преносот ќе може да се следи на сите онлајн платформи преку паметни телефони, компјутер, смарт тв и други соодветни дигитални уреди.
МИА