Х.Костов за Фактор:Банките не се хуманитарни организации па да се откажат од камати – ММС
ММС

Објавено на: 04/13/20 12:00 PM

Х.Костов за Фактор:Банките не се хуманитарни организации па да се откажат од камати

Во интервју за интервју за Фактор.мк, Хари Костов, директорот на Комерцијална банка, вели дека банките не се хуманитарни организации и не може да даваат услуги без надомест, одговорајќи на критиките за неоткажување од наплата на каматата иако кредитите беше одобрено да се исплаќаат со повеќемесечно одложувања.

Во вакви услови дали банките не можат да покажат поголема солидарност во делот на каматите?

Банките не се хуманитарни организации, па да даваат услуги без надомест, односно кредити без камати или пак да го подаруваат остварениот профит од своето работење. За тоа постои државата и нејзините институции кои се грижат за социјалниот елемент и потребите на населението. Еве и во ова време на коронавирусот вие не можете да одите во супермаркет и да ги наполните торбите, не можете да одите на бензиска станица и да наполните бензин или да користите струја, телекомуникациски услуги и други производи без да платите. Како што за овие производи мора да се плати цената, така и за искористените кредити од банките мора да се плати цената, а тоа е каматата. Со добиените пари од кредитите од банките, граѓаните можат да ги платат производите во супермаркетот, да купат бензин, струја, телекомуникациски услуги и затоа на банката ќе и ја платат нејзината цена, каматата. Јас не слушнав досега некој да предложи таква генијална идеа во наредните шест месеци да не плаќаме за нашите набавки во супермаркетите, да не плаќаме за бензин, струја, телекомуникациски услуги и друго, меѓутоа голем дел се согласуваат дека банките во наредните 6 месеца не требало да им пресметуваат камата на граѓаните за искористените и одложените кредити. А и во овие шест месеци банките ќе продолжат да им пресметуваат и исплатуваат камата на своите штедачи. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека приоритетот на банките не е да ги направат кредитокорисниците среќни со некои поволни и невозможни  услови, туку пред се да гарантираат за сигурноста на депозитите, на штедните влогови на граѓаните во банките и за тоа на штедачите да им исплаќаат редовно соодветен надомест како камата на нивните влогови. Затоа што, ако штедачите ја немаат таквата доверба во банките за сигурноста на нивните влогови, а која толку макотрпно се трудевме да ја повратиме, ќе нема ниту над 4,5 милијарди евра заштеди на населението кои се користат како потенцијал на банките за кредитирање на населението, стопанството и државата“ смета Костов.

Никој не вели дека банките треба да бидат хуманитарни организации, туку да го направат максимумот во границите на своите можности како општествено одговорни компании при што нема да го загрозат своето работење, прашуваат од Фактор. 

„Кога велам дека банките не се хуманитарни организации, не бегам од фактот дека имаат и поширока општествена одговорност, и затоа тие позначајно учествуваат и издвојуваат дел од своите приходи за подршка на здравството, како што е сега потребно, за програми на Црвениот крст, за социјални програми, културни и спортски настани и друго. На пример Комерцијална банка беше прва која веднаш со избивањето на кризата го уплати одеднаш целокупниот данок на добивка во износ од 120 милиони денари, наместо да го плаќа во месечни аконтации до крајот на годината, донираше материјали и парични средства за потребите на Министерствот за здравство во износ од 120.000 евра. Еве најавувам и дека менаџментот односно директорите во Комерцијална банка, на крајот од овој месец, ќе се откажат од дел од своите примања и истите ќе ги насочат за наградување на дел од здравствените работници кои беа меѓу најангажираните во оваа криза. Банките се и меѓу најголемите плаќачи на даноци и придонеси кон државата“ смета Хари Костов.

Банните не можеа и нема да се откажат од пресметување на камата

„Ќе продолжам да објаснувам зошто банките не можеа и нема да се откажат од пресметување на камата на оние кредитокорисници кои ќе прифатат да им се пролонгираат нивните кредити за наредните 6 месеци. Веќе кажав дека банките ќе продолжат да им исплаќаат камата на штедачите и тоа е за нив трошок кој мора да се покрие. Би сакал да укажам и на следново. Според Извештајот на НБРСМ на крајот од 2018 година, во Македонија имаше над 580.000 активни кредитокорисници, а верувам дека сега во 2020 година таа бројка е и над 600.000. Тоа значи дека речиси секој трет жител на државата користи некој вид кредит. Тоа се граѓани кои со своите редовни месечни примања и нивните заштеди не можеле да купат стан, да го опремат со трајни потрошни добра, да купат кола, да остварат некое патување или школување, па затоа се обратиле до банките и добиле кредит. Најголемиот дел од овие кредитокорисници, во своите релации со банката се среќни само еднаш – тоа е денот кога им е одбрен кредитот и кога си купиле стан, кола, биле на патување и др. Тој ден сигурно и ги честеле своите блиски роднини и пријатели. Меѓутоа, веќе од наредниот месец, кога кредитот ќе треба да почне да се отплаќа, и кога ќе треба да одвојуваат некогаш и по 1/3 па и повеќе од своите примања во наредните три, осум или 20 години, колку што е рочноста на кредитот, за да ги плаќа обврските спрема банката, одеднаш банката станува неговиот непријател, немилосрден лихвар кој само бара редовно да се измируваат обврските по одобрениот кредит. И како што сега е вообичаено во кризи, ќе почнат и нападите на банките по социјаните мрежи, со барања да се намалат каматите кои наводно биле највисоки во Македонија, потоа да не се пресметуваат камати или дури и да се отпишат кредити. Меѓутоа банките, па се надевам ниту било која разумна политика нема да дозволат кредитокорисниците да бидат тие кои ќе одлучуваат како да се управува со банките, затоа што е во природа на човекот да очекува ако може да не го врати кредитот. Во банкарството во Македонија ние имавме период во 90-тите години, во кој со банките управуваа т.н. нето должници, односно фирми кои имаа поголеми кредити и обрски кон банките, тие беа влијателни кај раководствата на банките да им одобруваат кредити кои потоа не ги враќаа. Тоа беше и причината зошто во средината на 90-тите години, освен линаерната санација на банките во Македонија со која се регулираа старите девизни заштеди од времето на Југославија, спрема најголемата банка во Македонија во тоа време се спроведе и посебна санација и на крајот од тој процес таа банка беше продадена на странски инвеститор по цена која беше помала отколкушто денес е годишната добивка на таа банка“ одговара Костов на прашањата на Фактор.

Фактор