Музичка прегратка од Дац, Митевски и Нацоски – ММС
ММС

Објавено на: 04/13/20 11:54 AM

Музичка прегратка од Дац, Митевски и Нацоски

Кога новинарката Оливера Јовановска која живее во Венеција, му предложила на Александар Митевски, тој и неговиот музички „компањон“ Дац да ги здружат силите со македонскиот тенор со светска слава, Благој Нацоски, веројатно никој не можеше да претпостави до крај, дека токму тоа е она што ќе разнежни илјадници уживачи во добриот звук, за време на првиот целосно карантински викенд во Македонија.

„Кога Митевски ми ја предложи иницијативата, ја прифатив веднаш и со задоволство. Видеото го направивме со многу љубов, на единствениот начин на кој можеше да се направи, секако. Ме радува тоа што реакцијата на јавноста е одлична и јасно е дека сме допреле многу души. Во време кога секојдневието ни е бомбардирано со црни статистики, убаво е да се види убава емоција на социјалните мрежи.“ – вели Нацоски за ммс.мк


Позитивните реакции кои извираат од срце се тука, бидејќи намерата е топла и искрена.

„На оние кои се на фронтот со болеста, тие кои ја изгубија битката, но и оние кои останаа по нив и секако на здравствените работници кои му гледаат на непријателот директно во очи, во моментов им е потребна сила, но и поддршка.

Ако е точно дека пријателите на мака се познаваат, се надевам дека со ова видео ќе пратиме пријателска, топла вибрација до сите оние можеби се чувствуваат како да се сами во оваа борба. Ова го направивме заедно, за да потсетиме колку е важно да сме заедно во мислите, дури и кога сме физички дистанцирани.“ – додава тенорот.


Изменетата верзија на макфестовската „Уште ми фалиш“, брзо и лесно ги „отвори“ затворените граници.

„Сега кога светот боледува и сите граници се затворени, ние решивме со песна да ги отвориме. За песната и љубовта не постојат граници! Праќаме музичка порака на солидарност, помош и љубов со италијанскиот народ и сите во светот. Заедно со тенорот Благој Нацоски од Џенова, Италија и Александар и Дац со интерпретација од Скопје. Споделувајте љубов “ – истакнаа Митевски и Дац на социјалните мрежи.