Старата поговорка вели, стави го прстот в море и поврзан си со цел свет. Учениците од литературната секција на основното училиште „Драго Миловиќ“ од Тиват, Црна Гора, пред две години напишаа пораки на мирот и љубовта и ги ставија во шише, кое го пуштија во Јадранското Море со надеж дека некогаш и некаде ќе биде пронајдено од некој добар човек.
Пред неколку дена такво убаво нешто и се случило. Шишето го пронашло семејството Јерговиќ на островчето Кркната кај хрватскиот град Задар. Кога го отвориле – на изненадувањето му немало крај. Добиле вистнска порака од шише, каква што секој посакува, а за да стигне до нив и нивната куќичка на малото островче, шишето пловило окоу 300 милји, пишува „Задар плус“, а пренесува сплитска „Слободна Далмација“.
„Видовме прекрасни пораки, а имаше оставено и телефонски броеви и имејл-адреси. Сфативме дека е убаво да им се јавиме на децата, да им кажеме дека нивните убави пораки што патувале две години некој ги нашол. Им испративме и видео. Решивме да го надополниме шишето и со наши пораки. Го запечативме и пак го вративме во морето, да плови понатаму“, раскажува Дарко Јерговиќ.
Децата од Тиват и нивната наставничка Чавор се одушевиле кога ја слушнале убавата вест, која се прошири и во црногорските медиуми. Семејството Јерговиќ е покането да дојде во Тиват по кризата со коронавирусот.