„Немаме веќе потреба од кошули, но итно ни требаат 100.000 медицински маски. Дали ќе можете да ги испорачате и за колку време?“, ова е пораката што ја добила текстилна компанија од Штип од партнер од Германија. Веднаш тргнале во прибирање на понуди за платно и потребните материјали, меѓутоа, уште на самиот старт наишле на забрана. Имено, со владините мерки, се’ до пред некој ден, беше забрането извоз на стратешки материјали, каде спаѓаат и заштитните маски, како медицински материјал. Според кажувањето на сопственикот, почнале преписки и разговори со луѓе од владата, што на крај се реши со укинување на забраната за извоз на маски, но под услов 20% да сошиеното да остане во магацините. Сепак, симнувањто на забраната дошла предоцна за штипската компанија, бидејќи, германскиот партнер, со оглед на итноста, си нашол нов партнер за маски, во друга земја.
Штетата е направена, но колку македонските текстилни компании ќе успеат да се снајдат и адаптираат на пазарот, каде повеќе кошулите и униформите не се барана стока, туку медицинските материјали, како дефицитарните на пазарот – заштитните маски?
Од Текстилниот кластер велат дека проактивност треба да покаже и владата, особено со итните тендери, кои ги распишува. Како пример го посочуваат тендерот за набавка на маски од 26 март. Се’ до пред некој ден, од Генералниот секретаријат не доставиле информација за добитникот на тендерот.
За разлика од нашите текстини компании, познатиот хрватски бренд „Вартекс“ дел од своето производство го насочи кон заштитните маски. „Вартекс“ ги произведе првите 70.000 маски, кои целосно ги насочи кон потребите на храватските здравствствени работници. Тоа беше и своевидно реванширање за субвенциите што државата ги исплати на „Вартекс“ во висина од 9,6 милиони куни, со цел зачувување на работните места.