Фонд од 10 милиони евра за заштитна опрема бара ВМРО ДПМНЕ – ММС
ММС

Објавено на: 04/11/20 2:10 PM

Фонд од 10 милиони евра за заштитна опрема бара ВМРО ДПМНЕ

Генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев тврди дека има недостаток од визири, ракавици и заштитни маски,а „медицинските работници во ек на пандемија се движат како да сме во нормални услови“.

-Бараме итно одвојување на фонд од 10 милиони евра кој ќе биде наменет за набавка на заштитна опрема. Државата да склучи договори со домашните текстилни фабрики кои се соочуваат се откажување на договори за работа и преку нив да се обезбедат 100.000 скафандери, 100.000 визири и 1.000.000 заштитни маски, но и да се направи интервентен увоз на 1.000.000 ракавици. На овој начин ќе се помогне домашната текстилна индустрија, која ќе може да исплати плати, а за лекарите и медицинскиот персонал ќе се обезбеди заштитна опрема по врвен квалитет“, вели Јанушев.

Министерството за здравство одговори дека опрема има доволно во резервите на Министерството кои се доставуваат на редовна основа по барање на секоја здравствена установа.

-Заради проверка на користењето на заштитната опрема од страна на Министерството за здравство беше инициран и инспекциски надзор кој е спроведен од 30-ти март до 5-ти април во 79 јавно-здравствени установи и во 12 во приватни установи. Направен е увид во однос на опременоста, количината на заштитни маски, ракавици, капи, мантили за еднократна употреба, визири и калјачи,  сè  што се користи за пристап кон пациенти на соодветно ниво на здравствена заштита. Констатирани се доволни количини, како и средства за дезинфекција на работни површини и дезинфициенци за раце.При инспекциските надзори од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат не се констатирани неправилности по однос на користење на личната заштитна опрема од страна на здравствениот персонал, одговори Министерството за здравство.

Од Министерствотов истануваат дека дополнително на опремата која ја има, добиени се донации во заштитна опрема и тоа во големи количини – повеќе од 1 милион парчиња заштитна опрема од различен вид.

Во тек е набавка за дополнување на овие количини за што е распишана покана за јавна набавка објавена на веб страницата на Министерството за здравство и тоа за: 12.000 маски N95 или сличен стандард, 20.000 скафандери, 500.000 хируршки маски, 5.000 визири и 1.200 гумени скафандери.