Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија денеска официјално побара од Владата да се одложи законскиот рок за спроведување ревизии до 30 септември 2020 година.
Од Советот информираат дека со цел да се заштитат вработените во ревизорските друштва, како и менаџментот и вработените во компаниите кои што се предмет на ревизија, денеска е донесе официјална одлука со која бара од Владата согласно надлежностите за вонредната состојба да донесе законска уредба со која ќе се одложи рокот за законски ревизии на финансиски извештаи до 30 септември 2020 година.
Во барањето испратено до Владата е потенцирано дека од предвидените повеќе од 1700 законски ревизии на годишните финансиски извештаи за 2019 година, повеќе од 1000 ревизии се однесуваат на компании кои не се акционерски друштва.
-Ако се земе предвид дека најголемиот дел од ревизорските ангажмани се спроведуваат од крајот на март до почетокот на јуни постои висок ризик за ширење на коронавирусот од посета на повеќе од 1000 компании од страна на 300 лица (овластени ревизори и вработени во ревизорски друштва), кое што може да направи сериозни штети врз здравјето на граѓаните , преку ширење на заразата, појаснуваат од Советот.