Пандемијата го смени животот на луѓето, ама и оној на животните. Кога планетата Земја почна да се реновира, ние влеговме дома, а некои од нив излегоа од своите природни живеалишта и прошетаа по улиците.
Сменет е ритамот на живот и кај оние животни во скопската зоолошка градинка. Некои од нив реагираат на промените повеќе од другите и покажуваат дека се по малку осамени, но на други им одговара одморот од човечката врева и внимание.
Вработените со заштитни маски се грижат за животните – Тина Мицковска
„Откако нема посета, голем дел од животните се порелаксирани, но има и животни на кои им недостасуваат луѓето. На пример Дуња и Даела бидејќи целиот свој живот го поминале со луѓе. Сега едвај чекаат да видат некој од вработените и сакаат постојано да имаат друштво“ – вели Тина Мицковска, портпаролка на Зоолошката градина во Скопје за ммс.мк.
„Морските лавови Кан и Гете сакаат да се бакнуваат со нивните чувари, но поради превентивните мерки тоа периодов го избегнуваме. Се чудат и зошто нема публика кога имаат хранење, но тишината ја “нарушуваат” патките и гуските кои секојдневно се на гости кај живеалиштето на Гете и Кан. Најрелаксирани периодов се лавовите, нилскиот коњ и тигрите.“ – додава Мицковска.
Добро во сето лошо е тоа што во случајов зоолошката има целосна контрола врз исхраната на животните, бидејќи ги нема несовесните посетители кои ги хранат со несоодветна храна.
Тимот на зоолошката се надева дека штом повторно се отворат вратите за сите, ќе може да се пофалиме со повисоко ниво на свест како посетители.
„Периодов, животните добиваат појачана исхрана со витамини, минерали кои редовно им ги даваат нашите ветеринари, а искрено се надевам дека кога ќе отвори повторно зоолошката градина после се ова што ни се случуваше периодов, свеста ќе се крене и ќе имаме што помалку несовесни посетители, а секако ќе следуваат санкции за неодговорните. Кога може да почитуваме полициски час во моментов за да спасиме нечии животи, тогаш ќе може да ја почитуваат и забраната за фрлање храна кај животните, за да не загрозат нечиј живот.“- истакнува Мицковска.
Екстра позитивни вибрации во зоолошка градина внесе приновата во домот на ламите и лемурите.
„Бебето лама уште од првиот ден се опушти. Бидејќи имаме и бебиња јагниња и јариња, по цел ден си играат заедно, навистина е преслатко сето тоа да се набљудува. Покрај малата лама, се родија и пет лемурчиња во изминатите денови, а очекуваме наскоро и бебиња срнчиња и еленчиња.“
Фламингата се веќе тука, но во карантин, се чекаат пингвините, а содржината на зоолошката наскоро ќе се збогати уште повеќе.
„Фламингата веќе се во Скопје и се во карантин, додека се прават финалните изработки на нивното надворешно живеалиште, а пингвините ќе дојдат веднаш штом се отворат границите. Покрај нив очекуваме алпаки, кои се едни од најомилените животни низ светот и се чуваат и во домашни услови.“- додаде портпаролката.