На инфективното одделение во велешката болница денеска е примена жена на 30 годишна возраст со позитивен резултат на тест од коронавирус. Taa е веќе евидентирана во статистичките податоци на министерството за здравство како десетто заболено лице од инфективното заболување. Освен неа на болничко лекување од денеска се наоѓа и велешанец на 62 годишна возраст со потешка клиничка слика иако неговиот резултат од земениот брис не е стигнат и не е потврден од вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје во Скопје.
Жената се инфицирала од „Ковид 19“ на работното место додека мажот засега се знае дека му бил пријател на 84 годишниот починат велешанец од инфективната болест.
-На инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Велес во моментов се лекуваат уште осум пациенти. Нивната здравствена состојба е добра поточно тие се клинички стабилни. Од одделението, по завршено лекување, е испуштен еден пациент кој сега се наоѓа во домашен карантин. Исто така и од Инфективната клиника во Скопје е испуштен еден велешанец што сега се наоѓа во домашен карантин поради добра здравствена состојба, рече портпаролот на ЈЗУ Општа болнца Велес д-р Весна Николова Неделковска.
Неофицијално во Велес има уште седуммина граѓани со сомнителни симптоми на коронавирус. Нив им се земени брисови и се чекаат резултати од тестот.
У.Ј.