Во најстроги карантински мерки, следејќи ги санитарните протокли, на кочанските гробишта беше погребан 40-годишниот кочанчанец, првата жртва на Ковид -19 во овој град. Неговото потесно семјество – трите деца и сопругата не можеше да го испрати за последен пат, бидејќи сите се во изолација. На погребот присуствувале само братот на покојникот и неговото семејство. Според препораките, погребите се одржуваат со најмногу пет лица.
Според информациите од Општина Кочани, телото е донесено директно од Бутел на градските гробишта во Кочани, во херметички затворен двоен сандак. Прифатен е од комуналните работници, кои во полна опрема со скафандери и неопходната заштита, потоа го погребале.
Починатиот 40-годишен кочанчанец е фризер по професија, кој, во услови на ограничено движење, често одел и по домовите, каде услужувал клиенти. Претпоставка е дека се заразил од некој од неговите клинети. Направен е список на негови контакти, кои се во излолација.
Еден од неговите клиенти бил и градоначалникот на Чешиново – Облешево, Горан Крстев, кој е позитивен на корона вирусот. Од денеска сите вработени во општината се во изолација, а општината зграда по дезинфекцијата, ќе остане затворена.