Вработените во Општина Чешиново-Облешево денеска не се на работните места откако вчера официјално беше соопштено дека градоначалникот Горанчо Крстев е позитивен на коронавирусот.
Зградата на локалната самоуправа е затворена и во текот на денот екипи од Територијалната противпожарна единица од Кочани целосно ќе ја дезинфицираат.
Од општинската администрација информираа дека по добиените решенија сите ќе мора да направат тестирања, за што е изготвен и распоред на термините.
Поради вонредната состојба вработените во општината и претходно работеа со скратено работно време, а сите активности беа сведени на минимум, односно се извршуваа само неодложните законски и итни постапки. Поради намалениот обем на работа, во изминатиот период немаше ниту објави за јавни набавки, со што се олеснети и обврските на службите во Општината, кои во наредниот период ќе работат од дома.
Редовната седница на Советот на Општина Чешиново-Облешево е планирана кон крајот на месецот, но најверојатно ќе се одржи преку интернет врска, за што од Владата веќе е добиено одобрение.
МИА