Вљубен пар штркови на оџакот на напуштен пензионерски дом во Велес. Една деценија оваа вљубена двојка живее тука од пролет до есен. Љубовта на штрковите нема потреба да се опишува. Ќе се одберат, ќе се засакаат и тоа е за цел живот..
Фотографијата ја направи велешанецот Димитри, домот на штрковите е на околу 70 метри воздушна линија од неговата куќа, па така, како што вели тој, станале пријатели.
-Секоја година речиси на ист датум доаѓаат. Штрковите, како и орлите и лебедите, се знае, тие се моногамни птици, не го менуваат партнерот. Секоја година прво стигнува момчето, најверојатно има повеќе сила за летање, а потоа таа. Јас ги следам низ годините и веќе по тропотот на клунот ги препознавам, оти тие не пеат како другите птици, немаат гласни жици. Годинава тој дојде сам со четири дена задоцнување а јас го премислив. Потоа заедно се сеќиравме, ја премисливме жена му каде се загубила. Речиси 10 дена кружеше тажен околу куќите. Таа дојде конечно а тој радост до небото. Само да можеше да ги видите колку се сакаат. И јас ги сакам, од пред некоја година и на гости ми идат, на тераса со дечињата, вели Димитри.