Борба за опстанок е секој нов ден за бездомните животни во услови на вонредна состојба поради корона вирусот. Вака накратко активистите го објаснуваат новото секојдневие на бездомните кучиња и мачки кои веќе не можат да се хранат со остатоците од храна од угостителските објекти, бидејќи тие се затворени. Актуелната состојба ги интензивира активностите на терен на граѓаните кои се љубители на животни, па тие со сопствени средства, но и со донации купуваат храна којашто ја доставуваат на повеќе локации во своите градови.
Марија Јанакиевска од Здружението Кане корсо вели дека до почнувањето на полицискиот час во работните денови кучињата се веќе нахранети, но проблем се викендите.
„Ако оставите за бездомните кучиња во 15 часот колку количински може да оставите? Ќе имаме проблем со овие полициски часови, се обидовме да реагираме до Владата, но позитивен одговор досега немаме“, појаснува Марија во изјава за Македонскиот медиа сервис. Таа и останатите активисти планираат да организираат пунктови и собраната храна да ја делат низ повеќе реони во главниот град.
„Храната е реално голем проблем за сите што се занимаваат со оваа работа волонтерски. Ние неделно имаме можеби и по две објави за донација на храна, за бездомните кучиња и за оние во пансиони бидејќи не можете да постигнете со сопствени средства сите да ги нахраните. Сега во Скопје има разноразни индивидуи и здруженија што повикуваат да се остави храна за бездомните животни, за да може и луѓето кои не толку многу сакаат животни да ги ставиме во круг во кој храната која е веќе купена и зготвена да им ја остават на животните. Планираме веќе од следната недела да организираме пунктови коишто ќе ги договориме меѓу нас здруженијата и секако, секој еден активист којшто можеби не е дел од здружение, а сака да се придружи. Ќе се поделиме по реони и реонски да се донира на одредени места“, истакнува Јанакиевска додавајќи:
„Скопје е малку поголем град па ќе имаме договор меѓу нас кој ќе биде одговорен по реони и на кои места ќе се остава храна. Здруженијата комуницираме коректно и во една заедничка група комуницираме на дневна основа. Кога зборувам за Скопје зборувам и за сите останати градови каде што има здруженија и индивидуалци што помагаат, така што целата оваа работа ќе се шири во цела Македонија“.
На терен веќе се и охридските активисти, кои тврдат дека и во оваа ситуација нема да ги остават животните на цедило. Тие веќе се поделиле и во групи, како би можеле на повеќе локации да има достапна храна и наутро и навечер.
„Преку социјалните мрежи планираме да ја прошириме акцијата, со тоа што ќе ги информираме сите граѓани каков е нашит план и како би се одвивала акцијата во иднина. Нашата работа се базира на донации, со тоа што секој хуман граѓанин кој е во можност може да донира. Имаме помош и од Охридски комуналец кој ни помага со храна. Главно храната што ја делиме по охридските улици е донирана од хумани граѓани. Секој заинтересиран да помогне може да не’ контактира на сцијалните мрежи, може да не’ контактираат по меил за да ги пребродиме овие кризни денови, како ние, така и животните“, информира активистката Анастазија Димзовска.
За разлика од другите активисти кои акцијата за хранење на животните ја спроведуваат во групи, штипјанката Симона Трнинкова сама купува храна, собира донации и ја остава храната на повеќе локации низ градот. Трнинкова која не е член на штипското Здружение за заштита на животните Живот вели дека за жал од храната која успеала да ја обезбеди, е останата уште мала количина. Таа апелира до своите сограѓани кои сакаат да донираат храна или финансиски средства да ја исконтактираат преку социјалните мрежи, па доколку е потребно таа ќе отиде до нивниот дом да ги подигне донациите.
Храната ја оставам генерално на локации во централното градско подрачје, односно таму каде што има најмногу кучиња како на пример на Градскиот плоштад, спроти Гимназијата Славчо Стојменски, речиси по цел кеј на реката Отиња, но и кај Здравствениот дом – раскажува штипјанката.
Вонредната состојба не само што го зголеми ризикот бездомните животни да останат гладни, туку влијае и врз вдомувањето во странство. Поради блокадата на границите, вдомувањето на кучињата надвор од земјава, е одложено.
Ние главно сме насочени кон вдомување во странство бидејќи имаме лошо искуство со вдомување овде, со чест на исклучоци. Имаме повеќе контакти во странство, тука доаѓаат многу туристи преку лето, ги засакуваат кучињата и потоа сакаат да ги земат во своите земји. Со затворањето на границите во моментот тоа вдомување е стопирано. Кучињата ни се сместени во нашите домови и по пансиони. Вдомувачите не се откажаа, ја сфатија разумно ситуацијата и доколку ситуацијата се реши се надеваме дека животните ќе може да отпатуваат – вели Димизовска.
Со сличен проблем се соочуваат и од Здружението Кане корсо.
„Комерцијален превоз има, но никој од нас не би ризикувал да некое куче му биде задржано на одредена граница. Кучињата остануваат во пансиони. Ние имаме најдено домови за 12 кучиња, но во моментот не можеме да ги испратиме. Сите се свесни за ситуацијата, но ризикуваме вдомувачите да се откажат. Кучињата ги држиме во пансиони, а проблем е тоа што тоа значи трупање на долгови. Тоа се кучиња за кои е најден дом, но од друга страна нефункционирањето на Вардариште на нас ни предизвикува создавање нови единки и во догледно време тоа нема да се реши. Не можеме да делуваме онаму каде што навистина треба, а тоа е да собереме кутриња на кои им е потребна стерилизација. Никој не сака да имаме несакана продукција на нови единки. Сега сите тие работи поради овие кучиња кои имаат дом, стојат во мртва точка“, појаснуваат оттаму.
Здружението, процентуално, според, бројот на животни, дошло до идеја општините да одвојат средства за стерилизација и кастрација на бездомни животни, но од нив не добиле позитивен одговор. Со цел кучињата да бидат на безбедно место, активистите и хуманите граѓани го плаќаат нивното сместување во пансиони.