ЕСЕ: Комерцијализацијата на здравството значително негативно влијае врз нашето здравје – ММС
ММС

Објавено на: 04/4/20 10:12 AM

ЕСЕ: Комерцијализацијата на здравството значително негативно влијае врз нашето здравје

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, кое првпат се приклучува кон петтата по ред кампања на Европската мрежа против приватизација и комерцијализација на здравството и социјалната заштита и Граѓанското движење за здравје од Европа (ПХМ) по повод 7 Април, Светскиот ден на зравјето, ги повикува граѓаните, здравствените работници и здруженијата на 7 април да се соберат на заедничка акција против комерцијализација на здравјето и порачува дека комерцијализацијата на здравјето значително негативно влијае врз нашето здравје.

-Поради пандемијата COVID-19 ги откажавме сите собири и акции кои значат физички контакт.
Затоа, го повикуваме секој граѓанин да ја покаже својата поддршка преку „ширење солидарност, а
не вирус”. Како? Со акција „бел лист”. На 7 април поставете бел лист со слоган на видливо место или направете постер во својот дом, фотографирајте се себеси со вашите пораки, поставете ги на социјалните медиуми со додавање на ознаката #health4all  и упатете ја пораката до вашите политички лидери, велат од ЕСЕ.

Трите здруженија потенцираат дека само државно контролиран систем кој овозможува универзален пристап до услугите, заснован на солидарност во финансирањето и задолжително плаќање на осигурување, е доволно јак и ефикасен да го заштити населението од пандемии и штети кои влијаат животите на граѓаните.

-Особено, напоменуваме дека Европската Унија, сите земји-членки и останатите земји од Унијата, задолжително треба да ја преземат одговорноста за неинвестирање во превенција и заштита на здравјето на своите граѓани. Ја повикуваме Европа да ги разгледа своите политики за обезбедување услуги и јавни набавки, како и буџетските ограничувања наметнати на државите преку поставените буџетски стандарди. Бараме од секоја Влада системите на здравствена заштита и социјални услуги, кои се базирани на  солидарност, да не подлежат на законите на пазарната економија, велат од трите здруженија.

Посочуваат дека „приватните осигурителни компании не ги осигуруваат граѓаните од коронавирусот и нема да им дадат приоритет на оние на кои се осигурени да добијат кревет во интензивна нега”.

-Комерцијализацијата на здравјето значително негативно влијае врз нашето здравје. Намалувањето или, пак, замрзнувањето на јавните трошоци за јавно здравство имаат значително влијание врз инвестициите, надоместување на социјалните бенефити, платите во форма на намалување на бројот на кревети во болниците, финансирање засновано на активности, затворање на здравствени установи и укинување на одредени здравствени услуги, потенцираат трите здруженија.

МИА