Полицијата во повеќе германски градови соопшти дека добива стотици пријави дневно од граѓани кои си ги поткажуваат своите соседи и пријатели или странци за непочитување на правилата за дистанцирање. Совесните Германци ревносно и помагаат на полицијата во откривањето на лица кои не ги почитуваат правилата за социјално дистанцирање насочени кон ограничување на ширењето на пандемијата на коронавирусот, со пријавување на странци, соседи и пријатели.
Во земја каде денунцијацијата беше вообичаена за време на комунистичкиот режим во Источна Германија и нацистичкиот режим на Хитлер, полицијата добива пријави за се и сешто, од „корона-забави“ до луѓе кои за викенд одат во своите вили. Со правилата кои беа воведени во втората половина на март, рестораните, пабовите и спортските објекти беа затворени и беше забрането собирање на групи луѓе, полицијата доби полни раце работа. Од 14 март, полицијата во Берлин нареди затворање на 830 пабови, наргиле-барови и други објекти, и евидентираше уште 898 прекршоци.
„Добиваме дојави од јавноста за отворени ресторани или големи собири на луѓе во паркови“, вели портпаролка на полицијат, додавајќи дека службениците се секогаш подготвени да реагираат на информациите од граѓаните.
Слична е состојбата и во другите градови. Полицијата во Минхен добива по 150 повици дневно од граѓани кои пријавуваат прекршување на правилата поврзани со коронавирусот, јавува магазинот Шпигел.
Весникот Мителдојче цајтунг пишува дека властите во Магдебург ги замолиле граѓаните да не ја преоптоваруваат полицијата, цитирајќи полициски претставник кој вели „луѓето не треба да пријавуваат секој пат кога ќе видат тројца како седат на клупа во парк“.
Иако најголем дел од граѓаните се однесуваат одговорно, некои експерти велат дека љубомората, фрустрациите или нарушените односи играат улога во ваквото однесување.
Типично германски?
Рафаел Бер, професор по криминологија и социологија на Полициската академија во Хамбург го издвојува феноменот на жителите на покраината Мекленбург Предна Померанија кои ги пријавувале жителите на Берлин кои за викенд доаѓале во своите викендички запишувајќи ги броевите на нивните регистерски таблички.
„Оваа подготвеност да се пријавуваат други го труе цивилизираното однесување“, вели Бер.
„На некои луѓе им недостасува граѓанска храброст да се соочат со другите, па затоа анонимно пријавуваат во полиција“, вели Бер додавајќи дека луѓето кои живееле под јаремот на тајната служба во Источна Германија, веројатно се присетиле како функционирале нештата пред три децении.
Источногерманската тајна служба Штази беше една од најрепресивните полициски организации во светот која беше инфилтрирана во речиси секој аспект на животот во Источна Германија и се потпираше на околу 200 илјади информатори кои ги шпионираа своите пријатели, колеги и роднини.
„Во тоа време поткажувањето беше широко раширено и на луѓето им е полесно да го прават тоа денес доколку го правеле и порано“, вели Бер. „Во секој случај, типично германски е да се причека додека не се донесе закон кој на луѓето ќе им овозможи да го прават тоа“.
Текст и фото: dw.com