МЗ објаснува – тестовите на „Систина“ треба да се повторат во Институт за јавно здравје – ММС
ММС

Објавено на: 04/1/20 10:23 PM

МЗ објаснува – тестовите на „Систина“ треба да се повторат во Институт за јавно здравје

Министерството за здравство вечерва излезе со објаснување за тоа какви се тестовите на корона вирусот, откако дел од медиумите  објавија за големиот број на позитивни случаи од тестираните пациенти во болницата „Систина“.

-Тестовите кои ги користи приватната клиника „Систина“ се различен тип од тестовите на сите останати институции. Имено, тие тестови го детектираат присуството на антитела на вирусот Ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус, објаснуваат од Министерството.

Понатаму во соопштението се објаснува дека за позитивни се сметаат оние пациенти кои се позитивни на вирусот и исклучиво тие се водат и внесуваат во дневната статистика.

-Сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на антитела кои ги прави „Систина“, задолжително треба да направат тест за присуство на вирусот во Институтот за јавно здравје, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во министерството, информира Министерството за здравство.