Јужна Кореја на своите граѓани ќе им обезбеди финансиска помош со итни готовински исплати, објави Reuters.
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џе-ин изјавил дека државата ќе обезбеди финансиска помош на сите семејства, освен на најбогатите и дека се работи на олеснувања од последиците на епидемијата коронавирус, во април ќе биде донесен нов, дополнителен буџет.
По итната средба со креаторите на економската политика, тој изјавил дека сите домаќинства освен 30 проценти од најбогатите ќе добијат финансиска помош од милион корејски вони (740 евра), што вкупно изнесува околу 9,1 илјади милијарди вони (повеќе од 6 и пол милијарди евра), како „итна исплата поради природните непогоди“.
„Граѓаните доволно претрпеа поради коронавирусот и сите заслужуваат да бидат наградени за болката која ја претрпеа и за учеството во напорите за превенција“, изјави Џе-ин.
Корејските власти изјавиле дека парламентот во април ќе претстави нов буџет со дополнителни 7,1 илјади милијарди вони (5 милијарди и 251 милиони евра) и дека некои мали и средни претпријатија ќе бидат ослободени од плаќање сметки за комунални услуги.
Министерот за финансии, Хонг Нам-ки рекол дека владата ќе мора да издаде обврзници за покривање на дефицитот, со цел барем делумно да го финансира вториот буџет.
Јужна Кореја воглавно успеа да ја контролира епидемијата коронавирус и доби пофалби од светот за сеопфатното тестирање.
Извор: denar.mk