Во денешниот „Стадион“ за Охрид, дивоградбите, урбаната мафија: Секој град си има барем по еден Нефи Усеини (ВИДЕО) – ММС
ММС

Објавено на: 03/28/20 2:48 PM

Во денешниот „Стадион“ за Охрид, дивоградбите, урбаната мафија: Секој град си има барем по еден Нефи Усеини (ВИДЕО)

„Стадион“

„Стадион“ и „Парадокс“ и оваа сабота продолжија во потрагата на нови парадокси. Во денешната двочасовна емисија „Стадион“ на „Канал 77“ тема беа дивоградбите, почитувањето на урбанистичките планови и правила на живеење, узурпирањето на градежниот простор и градежната мафија. Главно се зборуваше за Охрид, градот на УНЕСКО, кој може да биде избришан од светската листа на природно и културно наследство, поради уништувањето на крајбрежјето, урбаната мафија…

Во рамките на емисијата беше презентирана новинарската истражувачка сторија на Габриела Додевска „Охрид со бизнисите на Нефи Усеини влезе во извештајот на ЕУ, во делот за корупција“, како и дел од видеото на слична тема лани направено од ИРЛ.

Сашка Цветковска, новинарка на ИРЛ, рече дека многумина ги советувале дека не е паметно да се оди во Охрид, да се бара Нефи Усеини и да се пишува за него, бидејќи човекот можел да се смета за безбедносна закана со оглед на дваесетината случаи што ги имал на насилство, физички пресметки, шверц, за што досега не одлежал ниту ден затвор.

– Во секој македонски град има по еден или двајца Нефи Усеини. Во случајот на Усеини во Охрид видовме пораз на институциите и нивна немоќ да одговорат на предизвикот за справување со корупцијата. Сите знаеме дека Нефи Усеини е лидер на охридскиот разгранок на ДУИ и советник во Советот на Општина Охрид. Очекувањата дека во едно партизирано општество ќе се решат вакви случаи се минимални. Имавме премиер и министер кои одеа да го молат да престане да ја гради дивоградбата. Коалициски партнер. Македонија е неверојатно корумпирана земја. Македонија не е демократија, во неа владее партократија. Нефи си го кажа својот став, но и понатаму гради. Општината не може да се снајде. Градоначалникот бараше помош и од централната власт за справување со корупциата. Но, топката на одговорноста само се префрла – нагласи Цветковска во разговорот со водителот Столе Наумов.

Во емисијата се вклучи и охридскиот градоначалник Константин Георгиевски, кој рече оти смета дека во општините спрегата на урбаната мафија била со службите зашто дури откако ќе се завршеле работите и ќе се „исчистеле“ предметите, материјалите оделе на потпис кај градоначалникот.

– Проблемите во Охрид се трупале со години наназад, а сега дојде време да се решаваат затоа што е дојден „нож до коска“. Едноставно, немаше бегање. Како-така, мораше да се справуваме со проблемите. Секаде каде што имало пријава, дојава сме постапувале. Имаме проблем со извршувањето. Премногу деликатен процес. Проблем се и финансиските средства, ама  и деликатната средина, „јас да одам да рушам, утре ќе ме убијат“ – рече Георгиевски.

Горан Трпеновски од Антикорупциската комисија информираше дека таа отворила предмети за дивоградбите во Охрид и за давањето под закуп на плажите во Охрид и во Струга, за кои закупувачите три години на плаќале кирија, а узурпирале дел од крајбрежјето.

– Институциите само меѓу себе си ја префрлаат одговорноста. Немаат храброст да преземат мерки. Ете, се најде и начин како да не се уриваат дивоградбите во Охрид и во Струга.. Тоа треба да се прави следната година, откако прво ќе се утврдувало влијанието на дивоградбите врз природното и културното наследсттво. Елегантен начин да се добие време – истакна Трпеноски.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески нагласи дека тој ненадлежност не признавал и оти во сите закони било добро објаснето кој за што е надлежен. Општините биле исклучиво надлежни да решаваат за предметите, особено од втора категорија, а Државниот градежен инспекторат за прва.

Во емисијата телефонски учествуваа и Џемал Мена, советник во охридскиот општински Совет, и Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.