Парична казна од 3000 евра за штипјанецот кој се врати од високоризична земја и прошета до општинската зграда – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/20 2:25 PM

Парична казна од 3000 евра за штипјанецот кој се врати од високоризична земја и прошета до општинската зграда

Основниот суд во Штип ја известува јавноста дека на ден 24.03.2020 година, по поднесен предлог за издавање казнен налог на Основното јавно обвинителство во Штип Ко.бр.257/20 од 23.03.2020 година, донесе Пресуда за издаден казнен налог со која обвинетиот – лицето Е.Т. од Штип се огласува за виновен за кривично дело „Непостапување според прописи за време на епидемија“ од чл.206 ст.1 од КЗ, за што му изрече парична казна од 100 (сто) дневни глоби во износ од 3.000,00 евра во денарска противвредност од 184.500,00 денари која ако обвинетиот не ја плати во определениот рок од 30 дена по правосилноста на пресудата или истата не може присилно да се изврши, судот ќе ја изврши така што за секоја дневна глоба ќе му определи еден ден затвор.

Против оваа пресуда обвинетиот има право да поднесе приговор до Основен суд Штип во рок од 8 дена по приемот на истата, а доколку таков нема, истата ќе стане правосилна.

Согласно пресудата, обвинетиот го сторил делото на начин што за време на пандемијата прогласена од Светската здравствена организација на опасна заразна болест коронавирус COVID-19 од која е зафатена територијата на Република Северна Македонија, со умисла, не постапил според Одлуката на Владата на Република Северна Македонија бр.44-2147/1 од 12.03.2020 год. (Службен весник на РСМ од 12.03.2020 год.) со која се определуваат мерки за нејзино сузбивање и спречување, па откако на ден 17.03.2020 год. се вратил во државата од земја со висок ризик за зараза со коронавирус COVID-19 согласно листата на Светската здравствена организација каде престојувал, иако бил запознаен со мерките на Владата на РСМ за сузбивање и спречување на коронавирусот COVID-19, при што примил писмена наредба и потпишал писмена изјава за задолжителна самоизолација во времетраење од 14 дена во неговиот дом, постапил спротивно на Писмена наредба за спроведување на задолжителна самоизолација на Министерот за здравство од 14.03.2020 год., со тоа што истиот ден 17.03.2020 год. околу 11,30 часот го напуштил својот дом во Штип и отишол во зграда во центарот на Штип каде се сместени повеќе локални и државни институции и органи.