Со дозволи од МЗШВ земјоделците ќе се изземат од ограничувањето за движење за викендите – ММС
ММС

Објавено на: 03/26/20 9:20 PM

Со дозволи од МЗШВ земјоделците ќе се изземат од ограничувањето за движење за викендите

Владата на денешната седница го утврди појаснувањето на одлуката за забраната на движење за време на викендите, поточно од овие одлуки и мерки ги исклучува земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности во овој период.
-На оваа седница во врска со Одлуката за проширувањето на забраната за движење за време на викенд деновите во сабота и недела од 16:00 часот до 05:00 часот, е утврдено појаснување за ова ограничување, кое се однесува на земјоделците заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури. Во делот на исклучувањето на земјоделците од сите донесени одлуки, заклучоци, мерки и препораки, се допрецизира дека истиот се однесува на земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период, соопшти владината прес-служба.
Дополнително, оние земјоделци, фармери, сточари и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење, ќе има бидат издаденни од МЗШВ преку Министерството за информатичко општество и администрација.
За ова, како што се појаснува во соопштението, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба соодветно да го информира земјоделскиот сектор.
Владата на денешната седница донесе и Уредба со законска сила за примена на Законот за земјоделско земјиште.
Согласно оваа Уредба, роковите кои се определени согласно Законот за земјоделското земјиште за донесување на одлука по отпочнати постапки со прибирање на понуди кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и почнуваат одново да течат по истекот на траењето на вонредната состојба.
По истекот на траењето на вонредната состојба изборот на најповолен понудувач во отпочнатите постапки со прибирање на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари ќе се врши согласно Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп.