Митинг со дози адреналин за Мицкоски, но без потенцијал за пресврт – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/18 10:12 AM

Митинг со дози адреналин за Мицкоски, но без потенцијал за пресврт

Ставот за името искажан на завчерашниот митинг на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го апсорбираше најголемото внимание во домашните и странски медиуми. Според аналитичарите – ништо чудно, со оглед дека митингот се одржува во клучните денови кога се прават напори за решавање на дводеценискиот спор.

„Ова е историски период за сите нас и една раскрсница во која се наоѓаме во нашето битисување. Се решава проблемот со името. Многумина го очекуваат нашиот став за овој проблем. Ќе бидам искрен и отворен. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име. Од ова појасен став нема! Историјата ќе суди кој бил во право“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Во странските агенции и медиуми протестите беа видени како антивладини и како протест против можниот договор со Грција за спорот за името“, оценува аналитичарот Сашо Клековски.

„Неспорно е дека многу членови, симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, но и граѓани, во протестите видоа можност да ги изразат своето спротивставување на можна промена на името. ВМРО-ДПМНЕ со тоа ќе ја зацврсти позицијата за неменување на Уставот (за промена на името). Истата позиција ја има и претседателот Ѓорге Иванов. Со тоа се зголемува отпорот за решение кое вклучува промена на Уставот, што пак е клучно барање на Грција“, потсетува тој.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ со протестот имала две меѓусебно испреплетени цели: легитимација на новото раководство и претседателот на партијата, и позиционирање на самата партија.

„ВМРО-ДПМНЕ беше во надолна линија под притисокот на истрагите на СЈО, преминувањето во опозиција и поразот на локалните избори. Со митингот ВМРО-ДПМНЕ демонстрира дека и во опозиција има голема моќ за мобилизација. Воедно со тоа се легитимира новото раководство“, вели Клековски.