Асоцијацијата за е-трговијата апелира до граѓаните во услови кога се соочуваме со пандемија на коронавирусот, да направат нарачка и да ги добијат потребните намирници на домашна адреса, онлајн да ги плаќаат сметките за струја, вода, телефон и интернет и да ги минимизираат посетите во банките, а наместо тоа, да користат електронско банкарство.
Тие информираат дека во овој период се забележува експанзија и максимизирање на капацитетите на е-трговците и апелираат до граѓаните да бидат трпеливи бидејќи неколкукратно е зголемен обемот на нарачки, а е – продавниците да направат максимални напори да ги доставуваат производите во најкус рок до своите клиенти.
– Иако сегашнава состојба иницирана од Ковид-19 е страшна и разорна по економијата, домашниот карантин и самоизолацијата несомнено ја поттикнуваат е-трговијата и онлајн нарачките, навики што секако ќе останат и по завршување на кризата. Целиот свет се соочува со предизвици од аспект на поставување соодветни безбедносни мерки, начинот на управување со испорака на производи и зголемената побарувачка на производи кај некои компании. Е-трговијата е една од одличните можности кои ни стојат на располагање за снабдување на луѓето со стоки и зачувување на „физичката оддалеченост” која на сите во моментот ни е неопходна – вели Филип Чижбановски, в.д. претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Од Асоцијацијата апелираат граѓаните да го намалат користењето на готовина која претставува потенцијал преносител на вирусот, но и предупредуваат да се внимава при купување онлајн, односно да не се купува од нелегални продавници кои функционираат единствено на социјалните мрежи бидејќи, како што наведуваат, во изминатиот период се бележи зголемен број на реклами на производи кои се продават на овој начин.
– Задолжително побарајте информација за компанијата која стои зад веб продавницата, проверете дали е достапна веб страна за конкретната продавница како и основни контакт податоци (телефонски број, е-маил адреса) со цел да се уверите дека станува збор за официјална електронска продавница. Сите членки на Асоцијацијата, е-трговци и други компании од синџирот на е-трговијата, можете да ги погледнете на следниот ЛИНК и да одберете што дополнително може да купувате онлајн, наведува Асоцијацијата за е-трговија.
МИА