Повеќе од 30 години некогашниот учител Мауро Моренди (81) е единствен жител на италијанското островче Будели во Средземното Море во близина на брегот на Сардинија. На островчето дошол случајно, кога се обидел да плови од Италија до Полинезија. Се вљубил во недопрената природа, во кристално чистото море и во прекрасниот залез на сонцето.
Живее во колиба од камен, па некои го нарекуваат италијански Робинзон Крусо. Вели дека во сегашната состојба со коронавирусот, особено во Италија, се чувствува како да е на најсигурното место во светот.
„Добро сум. Се чувствувам сигурно зашто островот ми дава целосна заштита без никаков ризик. Никој овде не доаѓа. Дури не гледам ни бродови и чамци да пловат во близина. Но, се грижам за најблиските, за роднините кои живеат во Модена, на северот на Италија, регион што е најпогоден од коронавирусот“, вели Мауро за „СНН Травел“ од мобилен телефон, неговата единствена врска со надворешниот свет.


