Куманово бара целосен карантин – ММС
ММС

Објавено на: 03/24/20 2:48 PM

Куманово бара целосен карантин

Целосен карантин за Куманово денеска повторно побара Општинскиот штаб за заштита и спасување, откако бројот на заболени од коронавирусот во најголемата општина во државата порасна на осум, од кои едно лице почина во недела.

Штабот предводен од градоначалникот Максим Димитриевски исто барање имаше и вчера, но Владата не донесе никаква одлука.

Освен тоа, штабот бара Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство  да изврши тестирање на сите здравствени работници и сите вработени во СВР и ТППЕ Куманово и да продолжи со континуирано тестирање на граѓаните.

Осумдесен и еден бегалец моментално се наоѓаат во Прифатно-транзитниот центар на Табановце, чија дислокација исто така е побарана од централните власти, со оглед дека истите се на територијата на Куманово повеќе од дваесет дена.

Екипите на комуналното претпријатие „Чистота и зеленило“ заедно со останатите јавни претпријатија од градот вршат дезинфекција на сите јавни површини, а воедно од вчера започна дезинфекција на сите влезови и холови на згради, откако општина Куманово со четири милиони денари набави нова опрема и средства за дезинфекција.