Владата на Република Северна Македонија има обврска да обезбеди навремено, точно и целосно информирање на граѓаните во секое време. Оваа одговорност е особено важна во услови на вонредна состојба кога се справуваме со епидемиска закана по здравјето на населението. Во услови на вонредна здравствена состојба, сите јавни комуникации мора да се спроведуваат по строго определени протоколи, во согласност со мерките за заштита на здравјето и со професионалните медиумски стандарди. Во исто време, граѓаните бараат, а Владата има обврска да воведува механизми со кои се оневозможува ширење дезинформации, страв и паника меѓу населението.
Со цел да се овозможи непречена комуникација меѓу Владата, медиумите и новинарите, Секторот за односи со јавност при Владата на Република Северна Македонија обезбеди технички можности за следење, преземање и учество на секојдневните редовни и вонредни прес-конференции на следните начини:
01. Интернет видео стрим во живо од секоја прес-конференција на каналот Јутјуб, на македонски и на албански јазик, достапен за сите граѓани со интернет конекција
02. Интернет видео стрим во живо на секоја прес-конференција на социјалната мрежа Фејсбук, достапен за сите граѓани со интернет конекција
03. Можност за преземање на видео содржините кои одат во живо од страна на сите телевизии, радија и интернет портали
04. Можност за сите заинтересирани новинари, медиуми и граѓани за преземање јавно достапни текстуални соопштенија, фотографии и видео материјали од сите прес-конференции и јавни активности на Владата, достапни на www.vlada.mk
05. Можност за сите новинари да поставуваат прашања преку е-пошта, при што најголем дел од прашањата се одговараат во живо на прес-конференциите, а помал дел со писмен одговор преку е-пошта
06. Можност за онлајн видео вклучување во живо за време на прес-конференциите за сите медиуми од регистрите на медиуми кои постојат во Северна Македонија
Најновата најавена можност за онлајн видео вклучување (број 6 од листата погоре) е достапна за сите медиуми кои се наоѓаат на постоечките регистри на институциите и медиумски организации, односно АВМУ, СЕММ и ЗНМ. Тие се единствените институции и медиумски организации кои водат регистри на медиуми во земјата. Станува збор за вкупна бројка од 234 медиуми од четирите достапни регистри, односно 72 радио станици, 48 телевизии, 13 весници и 101 онлајн портали.
Во исто време, Владата секојдневно ги најавува своите прес-конференции и овозможува поставување прашања со директна покана која се испраќа до околу 700 медиумски работници, членови на различните новинарски здруженија во земјава, вклучително и ЗНМ и МАН.
Владата не врши селекција, ниту регулира, ниту интервенира во медиумските регистри. Владата се потпира исклучиво на постоечки регистри кои ги создале независни регулаторни тела и професионални медиумски организации. Владата уште минатата година го поздрави процесот на саморегулација во сферата на онлајн медиумите и најави дека ќе го почитува регистарот на професионални онлајн медиуми на СЕММ и ЗНМ, исто како што го почитува регистарот на АВМУ. Во време на вонредна состојба, кога граѓаните будно ги следат вестите во живо, Владата мора да обезбеди точно да се знае кој се вклучува во живо за време на прес-конференциите, а нема подобар начин да се следат критериуми и стандарди, од тоа да се земат предвид постоечките регистри на професионални медиуми, кои секако не ги креира Владата.
Отвореноста и транспарентноста се приоритет број еден за Владата. Токму поради тоа, Владата овозможува голема листа на канали за комуникација и со новинарите и со медиумите. Никој не е исклучен, секој еден новинар, граѓански новинар, блогер, па и граѓанин, може да ги постави прашање. Ги повикуваме сите новинари и сите медиуми да ги искористат можностите, да ги следат прес-конференциите на интернет и да ги постават своите прашања преку различните воспоставени канали на комуникација.
Сектор за односи со јавноста
Генерален секретаријат