Музичарот Дадо Маринковиќ од Загреб нема зборови со кои може да го опише стравот, кога утрово градот го стресе силен земјотрес, кој не се случил последниве 140 години. Тој вели дека сега се добро, но она што го доживеале утрово не се опишува со зборови.
-Ужас. Потрес каков што не се случил последниве 140 години. Какво будење во 6.23 часот. Само уште ова ни требаше. Како Кинг Конг да ни го затресе креветот, целата зграда, целиот град. Децата вриштеа. Испопаѓаа на под и се скршија садовите, парче од ѕидот на зградата падна. Само уште ова ни требаше. Јас ова никогаш не сум го доживеал. Страшно. Каква генерација сме, што се не преживуваме- војна, поплави, Коронавирус, па и земјотрес. Тажно. Парковите се полни со луѓе, без оглед што не смеат да се доближуваати да седат дома поради заразата. На целиот овој хаос недостасуваше уште снегот и студеното време. Но, се надеваме дека се ќе биде во ред, сведочи за ммс.мк Дадо, тапанар во хрватската група „Парни ваљак“.