„Железниот светилник“ на Димитар Талев на сцената на МНТ – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/18 8:42 AM

„Железниот светилник“ на Димитар Талев на сцената на МНТ

Претставата „Железниот светилник“ заснована на првиот роман од тетралогијата на извонредниот бугарски писател Димитар Талев, роден во Прилеп, ќе се изведе на 11 јуни, во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје. Генерален спонзор на одржувањето е Фондација „Илија Камчев, а се реализира под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за култура и Министерството за одбрана на Република Бугарија.

Димитар Талев е дводомен писател кој е исклучително почитуван и се смета за врв на бугарската книжевност и еден од најчитаните и најпопуларните литературни творци. Оние кои го читале знаат дека тежината на неговите дела не се мери само во напишаните зборови, туку и во емоциите кои тој умешно ги постила низ редовите.

Отворајќи ја својата душа и предавајќи ја целата своја креативна енергија, Талев остава зад себе дела со неизмерна големина, неодминливост и трајност. Неговото трпеливо испитување и бележење на настаните кројат бурни приказни за едно време и едни судбини кои тој успешно ги оживува преку зборовите и прави истите до денес живо да пулсираат и греат.

Помеѓу другото, Талев е доживеан и како писателот кој во „Железниот светилник преку измислениот град Преспа во кој се одвива дејството неповторливо и со неизмерна љубов го опишува својот роден град Прилеп како никој дотогаш.

Овој културен настан говори за тоа дека потпишаниот Договор за добрососедски односи помеѓу двете држави покрај тоа што обезбедува отворени можности за економски и политички развој, пред сè, со проширување на аспектите на истиот и запознавање на културите на двете земји ги поставува и темелите на пријателството и добрососедството.

Се очекува гости на претставата во Македонскиот народен театар да бидат и премиерот на Р. Македонија Зоран Заев, како и премиерот на Р. Бугарија Бојко Борисов, кои на овој начин, заедно ќе ја изразат својата поддршка во насоката на развој на културата во двете земји.

Театарот на Бугарската Армија кој е еден од најголемите и најуспешните театри во својот репертоар ја вклучува оваа претстава од 2011. година со повеќе од 150 изведби. Освен во МНТ во Скопје, претставата ќе биде одиграна и во Охрид на 12 јуни во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, во Народниот театар во Битола на 13 јуни, во родниот Прилеп на Димитар Талев на 14 јуни во Народниот театар „Војдан Чернодрински“, во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица на 15 јуни и во НУ центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип на 16 јуни.

Нексромните квалитети на Димитар Талев и маестралноста на „Железниот светилник“ претставуваат неверојатен предизвик да се постават на сцената и ветуваат спектакл за кој што и да се каже, пред да се погледне, ќе биде малку.