Владимир Костов, виолинист и концерт-мајстор: Уште од 5 години музиката и виолината ми се вовлекоа “под кожа” – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/18 8:41 AM

Владимир Костов, виолинист и концерт-мајстор: Уште од 5 години музиката и виолината ми се вовлекоа “под кожа”

“Штом еднаш ќе ja почувствувате магијата на класичната музика, останувате маѓепсани цел живот”, вели Костов во интервјуто за Вечер. Тој е и основач на фестивалот за млади виолинисти Виолин фест, што ќе се одржи на 12 јуни во Македонската филхармонија по шести пат. “На овој концерт настапуваат најталентираните млади виолинисти од Македонија. Ова е проект кој е единствен од ваков тип во државата и на кој сум особено горд”, посочува Костов.

Имате завидна музичка кариера и бројни настапи во земјава и странство. Тоа зборува за посветеноста на музиката, но зошто вашиот животен избор беше токму класична музика и зошто – виолина?
Виолина започнав да учам од петгодишна возраст, така што како инструмент ми беше “наметнат” според музикалноста и тестирањето за прием во музичкото училиште. Од тогаш, музиката и виолината ми се вовлекоа “под кожа” и некако само по себе животот си доби ваков тек. Самата посветеност на вежбањето, на свој начин ви го диктира животот и едноставно станува дел од него. Што се однесува до класичната музика, таа е како магија. Таа е безвременска, низ неа се пренесува љубов, среќа, тага, радост, детство, младост, старост… еден цел живот. Штом еднаш ќе се почувствува нејзината магија, останувате ,,маѓепсани”, цел живот. Таа е еден начин на воспитување на духот и умот.

Единствен сте музичар од Македонија кој повеќе пати е избран да членува во Светскиот оркестар на Музичка младина. Колкав е предизвикот и придобивките да се биде дел од еден таков тим на музичари од цел свет?
Да, точно. Се работи за оркестар во кој по пат на аудиција се избираат кандидати кои ќе учествуваат. Тогаш тој оркестар беше еден од најдобрите светски младински оркестри. Учеството во него ми го промени животот и ми помогна да сум тоа што сум денес. Настапував во светските концертни сали, каде што сега е скапо и да се купи билет, соработувавме со светски имиња, со нас работеа членови од светски реномираните оркестри, меѓу кои и од Берлинска филхармонија. Таму се учи се она што еден оркестарски уметник треба да го знае, хиерархија, начин на свирење, однос кон диригент, колега, солист, однос кон музиката, кон свирењето, се учи како да се слуша музиката и да се учествува во нејзиното креирање… Иако пред многу години, тие впечатоци се толку силни што не можам да заборавам ни еден момент.

Во моментот сте концерт-мајстор во Македонската филхармонија. Па, еве, за поширокиот круг на читатели, која е вашата улога и, според вас, што е она што придонесува за подобро претставување на еден оркестар?
Концерт-мајсторот во оркестарот има многу одговорна улога. Тој е “првиот човек” на оркестарот. Многумина го викаат – прва виолина, што е популарен израз во пошироката јавност, но не е точно, затоа што први виолини е група од 14 музичари. Неговата улога е да го координира оркестарот со солистите и диригентот, да ги средува нотните материјали, да внимава на секој инструмент (група) во оркестарот, да ја следи подготвеноста на колегите, да се грижи за прием за нови членови со кои би се подигнал квалитетот на ансамблот.

Основавте, водите или сте дел од повеќе камерни оркестри со кои настапувате. Се случуваат ли грешки и стресни ситуации на сцената?
Грешки се случуваат, да, повеќе ненамерни отколу намерни, сепак сме живи луѓе, и на грешките учиме. Нашата професија е стресна, поради големата одговорност за претставување во најдобро светло, бидејќи на сцена нема втора шанса. Се што работиш со месеци, треба да го претставиш во шеесетина минути и тоа најдобро што можеш.

Со оглед на бројните гостувања и настапи, кој момент од соработката со познатите имиња од светот на музиката ви оставил посебен впечаток?
Имам огромна среќа да ја работам работата што ја сакам. Во моето досегашно искуство имав шанса (и во филхармонија и надвор од државата) да соработувам со најпознатите уметници, тоа попросто кажано е како да си со ѕвезди од Холивуд. Сите што сум ги гледал на телевизија, интернет, сум ги слушал на цеде или на радио, во одреден момент стоеле пред мене и свирев со нив – тоа е како да го живееш сонот. Една работа што ме фасцинира кај сите е тоа што тие во суштина се обични луѓе, како сите ние, сакаат да се смеат, да седнат на кафе, на ручек, да се опуштат, да зборуваат за обични работи… Никогаш не глумат величини до кои не можеш да допреш. Мислам дека тоа ги прави уште поголеми уметници.

Наоѓате ли време за семејството, пријателите, хоби… со оглед дека музиката ви е очигледно главна преокупација која со вечерните настапи, гостувања одзема голем дел од времето?
Време? Тоа е нешто што на сите ни фали последниве години. Се помалку време останува да си посветиме на себе. Се трудам да го искористам секој момент за релаксирање и дружба со пријателите. Обожавам да возам точак, онака рекреативно, одам во теретана, малку фитнес како антистрес терапија… Обожавам море и плажа. А за хоби… Мојата втора пасија е медицината. Бев запишан на Медицински факултет како втор факултет на физиотерапија, но не го завршив поради понудата која во тоа време ја добив да предавам на ФМУ. Се уште знам да отворам книга и да научам дома нешто.

Дали веќе имате во план нови настапи и гостувања во и надвор од државата?
За оваа сезона обврските ми се при крај, така што освен неколку помали концерти летово, планирам да се одморам и да размислам за нови проекти за идната година. Имам некои понуди за надвор од државата, но сето тоа е во фаза на подготовка, па би зборувал поопширно кога тоа ќе е сигурно.

Музиката не се учи само за да се исполнат амбициите на родителите

Со оглед на вашата педагошка дејност на ФМУ, што е она на што инсистирате кај вашите студенти и дали во Македонија расте или се намалува интересот за класичната музика кај младите?
Кај студентите пред се инсистирам да се спознаат како луѓе, да ја сакаат и да ја познаваат музиката, таа да е дел од нивниот живот, а не само исполнување на амбициите на нивните родители. Во спротивно, свирењето може да се претвори во мачење и најголем кошмар. Ги учам да бидат свесни со каква професија треба да се занимаваат и дека тоа треба да им е извор на егзистенција, професија, а не хоби. Ме радува фактот дека има голем интерес за класичната музика. Како мали, не мора да се многу талентирани, битно е од почеток да им се всади желбата за убавото и дисциплината, затоа што тоа ќе ги направи подобри професионалци и личности.