Штип: Конфекциските погони и автобусите постојано да се дезинфицираат – ММС
ММС

Објавено на: 03/17/20 4:17 PM

Штип: Конфекциските погони и автобусите постојано да се дезинфицираат

Конфекциските погони и автобусите и комбињата во кои се возат текстилните работници, треба да се дезинфицираат после секој работен ден, иако во Штип се’ уште нема заболени лица, мерки за заштита мора да се преземат, констатираа денеска на координативниот состанок во општина Штип, превозниците, претставници од работодавачите, Гласен текстилец, Центарот за јавно здравје, градоначалникот и засегнатите инспекторати.

Од центарот за јавно здравје велат дека во Штип нема простор за паника.

“Во моментот дури и немаме лица кои се тестираат, лицата кои претходно се тестираа беа од источна Македонија – Виница, Радовиш, Каменица, Кочани, а тие се негативни. Во Штип нема лице кое е на тестирање. Во постојан контакт сме со лицата кои се во самоизолација, конкретно да кажам за оние кои беа во контакт со докторката од Скопје, тие се добри и немаат симптоми, чекаме уште некој временски период за да се направи тестирање“, изјави директорката на Центарот за јавно здравје, Марија Димитрова.

Моментално во Штип, во самоизолација се 13 лица.

„Сметам дека состанокот беше корисен бидејќи добивме информации што е тоа што е преземено од работодавачите но и преку центарот за јавно здравје ги информиравме кои се насоките и како најефикасно да се справат со новонастанатата состојба. Некои од превозниците не информираа дека автобусите се веќе дезинфицирани, но насоките од Центарот за јавно здравје се да продолжи секојдневно, а една од останатите мерки е да бидат дезинфицирани погоните после завршувањето на работното време“, изјави градоначалникот Бочварски и најави дека во текот на утрешниот ден ќе има состанок со кризниот штаб – кој ќе преземе дополнителни мерки со МВР и останатите институции, со цел целосна будност за новонастанатата состојба.

Кристина Ампева, од здружението Гласен текстилец апелира да се одржува хигиената на работното место и да не се крева паника во конфекциите со непроверени информации. Иако рече дека не ја знае ситуацијата секаде, според работодавачите кои денеска беа присутни на состанокот, увидела дека голем дел од нив се држат до препораките и одговорно постапуваат во однос на превозот, дезинфекција во фирмите и отсуството на мајките и хронично болните лица.