Утре Владата пред јавноста ќе ги соопшти одлуките од вечерашната седница, на која се очекува да бидат разгледани предлозите за замрзнување на цените на одредени основни производи и на мерките за помош на стопанството.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ќе се преземат мерки и за помош на стопанствениците за да не ги отпуштаат вработените, особено во секторите туризам и транспорт каде има драстично намалување на работата.
-На вечерашната седница на Владата ќе ги разгледаме и сите предложени мерки од надлежните институции за помош на стопанството, а утре ќе соопштиме какви конкретни мерки ќе преземеме за да му излеземе во пресрет на стопанството, рече Бектеши.
Што се однесува до мерките, кои ги преземаа некои од земјите од регионот за ограничување на цените на основните продукти, Бектеши рече дека и тој предлог е пред Владата.
-Сакам да ги убедам граѓаните дека ќе се грижиме за да немаат ценовни шокови и оти ќе преземе соодветни мерки согласно Законот за трговија. Како Министерство за економија имаме можност да предложиме замрзнување на цените на основните производи, а Владата да донесе таква одлука. Тоа е една од опциите што ќе се разгледа на вечерашната седница на Владата и јас сум убеден дека ќе биде прифатена, посочи Бектеши.


