Државата нема увид со колкава површина државно земјоделско земјиште располага. Едни го земаат тоа земјиште, други ја обработуаат земјата, некои узурпираат, други профитираат… Во чии раце е земјоделството – во тие на земјоделците или на зелената мафија. Ова беше денешната тема на емисијата „Стадион“ на „Канал 77“ во рамките на серијалот „Парадокс“.
Само во изминатите три години на земјоделците им се исплатени речиси 400 милиони евра субвениции. Дали соодветно е зголемено и земјоделското производство или и понатаму се зголемува увозот? Огромни пространства плодни површини и понатаму остануваат необработени. Големи површини се поделени под концесија на физички и на правни лица, од кои добар дел и не се занимаваат со земјоделско производство. Зелена мафија – бизнисмени, политичари, професори, разни други моќници сомнително добиеното земјиште го даваат на подзакуп на втори и трети лица и фирми. Под кои критериуми и на кого се’ се делат земјиштето и субвенциите?
На овие и на други прашања поврзани со земјоделството денеска се дебатираше со Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, и со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, кои му беа гости на Столе Наумов во скопското студио на „Канал 77“, телефонски во емисијата се вклучија дополнителниот заменик-министер во МЗШВ, Цветан Трипуновски и новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, Во рамките на емисијата беше презентирана и новинарската истражувачка сторија на Весна Крстева на оваа тема, во која за соговорници ги имаше Лилјана Јоноска од „Рурална коалиција“, директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Зоран Шапуриќ, градоначалниците на Карбинци и на Свети Николе, Јордан Насев и Сашо Велковски, како и повеќемина земјоделци.
Професорот Драги Димитриевски нагалси дека земјоделството е една од основните стопански гранки што можат да дадат најголем придонес за задржувањето на населението, особено на младите, во земјава, а оти земјишната политика е најтешкиот дел од земјоделската политика.
– Во 1980-тите години Македонија имаше 666.000 хектари обработливо земјиште, а денес тоа е некаде околу 60 отсто од она што сме го имале – не повеќе од 400.000 хектари. Во социјализмот се обработуваше и приватното зејоделско земјиште и тоа на земјоделско-индустриските комбинати. Државно земјиште имаме не повеќе од 200.000 хектари, а другото и во социјализмот беше приватно. Во 1990-тите почна приватизацијата на комбинатите. Станаа загубари, ниту еден не опстана. Тоа земјиште почна да се дели. Големи површини земаа мал број луѓе. Некои потоа го даваа во подзакуп. Друг проблем се исцепканите блокови, расцепканите парчиња земја што се обработуваат. Близу 80 отсто од семејните земјоделски стопанства имаат површина само до два хектара, но и тие се разделени на повеќе парцели, па една просечна парцела е голема смешно мали 0,2 хектара – рече Димитриевски.
Тој смета дека за да се дојде до некое решение на проблемот е потребно да се основа Агенција за земјоделско земјиште како институција што исклучиво ќе се занимава со целокупното земјоделско земјиште.
Министерот Димковски рече дека Министесртвото во изминатите две и пол години решило дел од проблемите во оваа сфера.
– Ветивме ревизија на доделувањето на државното земјоделско земјиште поради неплаќање и непочитување на договорите. За овие 2,5 години раскинавме околу 600 договори, со што се ослободени околу 6.000 хектари. Да споменам и оти, на пример, во 2016 година имавме четири милиони евра приходи од државно земјоделско земјиште, во 2017 – шест милиони, а во 2018 – осум милиони евра – истакна Димковски.
Дополнителниот министер на земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски нагласи дека со министерот не се согласува со концептот и со политиките што ги води Министерството, особено, како што рече, со прекршувања на постапки во делот на јавните повици за распределба на државно земјиште, при што утврдил многу неправилности.