Нема нови случаи на заболени од коронавирус во земјава. Тестовите на сите кои вчера биле тестирани се негативни. Од деветтемина пациенти кои имат коронавирус и се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, шест се во стабилна здравствена состојба, а кај тројца има лесно влошување – поотежнато дишење, но се уште не е потребна респираторна поддршка и се интензивира терапијата.
Владата на синоќешната седница требаше да усвои дополнителни и зајакнати мерки за заштита и превенција на населението. Новите мерки опфаќаат забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници, концерти, театри, кина, спортски сали, теретани. Кафетериите и рестораните ќе работат со скратено работно време до 18 часот и капацитетот внатре треба да биде преполовен, да се задржи дистанцата од метар и пол до два на луѓето кои што престојуваат таму. Се откажуваат и сите кино проекции, театарски претстави и концерти. Во јавните здравстевни установи се откажуваат сите хронични пациенти чија интервенција може да се одложи, остануваат само итни и неодложни интервенции, а истото важи и за прегледите. Ќе бидат набавени уште 50 респираторни машини, дополнителна заштитна опрема, 1.000 нови тестови и два мобилни апарати за рендген снимање.
Надлежните апелираат на почитување на забраните и препораките, да се внимава и да не се продуцираат и пренесуваат лажни и непроверени вести, а медиумите да соопштуваат информации исклучиво од институциите. Тврдат дека од јавноста не е сокриен ниту еден податок и оти се работи транспарентно.
Во меѓувреме, продолжува комуникацијата и координацијата со СЗО, други земји и меѓународни организации. Заради глобалната закана од овој вирус и потребата од заеднички одговор, во МНР вчера беше одржан брифинг со странските диломатски претставници во земјава на која се разменети информации за состојбата со Ковид-19.
По вчерашната средба на премиерот Оливер Спасовски со лидерите на политичките партии извесно е дека коронавирусот, ако состојбата не ескалира, нема да ги одложи изборите на 12 април. Партиските лидери се согласија дека здравјето на граѓаните е најважно и ветија дека ќе ги почитуваат препораките. Ќе водат изборна кампања без митинзи, преку социјалните мрежи и мас медиумите.
Евентуалните економски последици од коронавирусот, пак, ќе се решеваат во соработка на Владата со бизнис заедницата. Владиниот економски тим и претставниците на стопанските комори на синоќешниот состанок заклучија дека ширењето на коронавирусот е заеднички проблем, што треба заедички да се решава.
Бизнис секторот и со апел до граѓаните во целост да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од коронавирусот, но да не подлегнуваат на панично купување прехранбени и други производи.
Народната банка советува да се избегнува користење готовина и плаќањата да се вршат со платежни картички, да се избегнуваат посети на експозитури и филијали на деловните банки, како и на штедилниците и менувачниците, и банкарските услуги да се користат преку сервисите за електронско, мобилно и телефонско банкарство.
Превентивни мерки и поголема заштита се бара и за новинарите и медиумските работници кои известуваат во услови на епидемија на заразни болести. Од ЗНМ и ССНМ соопштија дека од исклучителна важност е новинарите безбедно да ја вршат својата работа, земајќи предвид дека поради природата на новинарската професија дел од нив директно се изложени на контакт со луѓе на отворен и затворен простор. Со соодветната заштита на новинарите ќе се овозможат предуслови за објективно информирање на граѓаните во услови на здравствена криза, укажуваат од новинарските здруженија.
МИА