Мерките што го донесува Владата во борба против корона вирусот создадоа вистински хаос, па и изразена поделба на вработените во државен и приватен сектор, особено по препораката за отсуство од работа на родителите со деца до 10 години. Кој ги покрива платите додека отсуствуваат работниците по дадените препораки на Владата? Дали е тоа Владата, беше едно од прашањата на попладневата прес конференција упатено до техничкиот премиер, Оливер Спасовски. Владата засега нема намера да усвојува мерки како помош за фирмите, беше јасен Спасовски.
-Ние сега не влегуваме со ниту една економска мерка, која може ова да го помогне, поради тоа што, навистина, нема потреба да тоа. Меѓутоа, доколку имаме зголемен период, зголемување на тој период, секако дека ќе се развијат и такви мерки, одговори Спасовски.
Владата, во овој случај даде само препораки. Што е препорака, а што забрана, инсистираа новинарите.
-Тоа што е забрана е забрана. Тоа што е препорака е препорака. Со тек на времето, нокои препораки стануваат забрана. На пример, до сега имавме забрана за собир на повеќе од 1000 луѓе. Денеска имаме ново барање од Комисијата за заразни болести дека треба да бидат забранети сите приватни собири, без разлика на големината. Така што, како ќе ги носиме одлуките, така треба да ги читаме и толкуме во јавноста, рече Спасовски.
Министерството за здравство соопшти дека попладне на владина седница ќе бидат дискутирани мерките кои ги препорача Министерството за здравство по состанокот со Комисијата за заразни болести и Комисијата за следење и информирање за корона вирусот. За заклучоците, ќе информира по завршување на седницата.
Во меѓувреме Стопанската комора на Македонија излезе со своја анализа на овие мерки од Владата:
По направените консултации со компаниите-членки на Комората, утврдено е дека мерката за отсуство од работното место за вработените кои имаат деца до 10-годишна возраст кај некои од компаниите опфаќа 30-40% од вработените, а некаде повеќе од 70-80% од вработените, во зависност од дејноста. При тоа, неизвесно е колку време ќе трае оваа состојба и дали ќе има потреба од дополнително продолжување на мерките. Кај трудоинтензивните компании, не постои можност работните процеси да се организираат преку воведување на работа од дома, што значи дека имплементацијата на овие мерки доведуваат до намалување на оперативниот процес за најмалку 50%. Од многу компании има укажување дека истите веќе трпат штети заради задоцнета испорака на суровини и стоки кои доаѓаат од други земји. Истовремено, компаниите укажуваат дека истите се обврзани на рокови во кои треба да испорачаат стоки и услуги согласно склучените договори со партнерите од земјата и странство, за чие неисполнување ќе подлежат на плаќање на пенали и камати. Имајќи ги предвид укажувањата на компаниите, во продолжение ги проследуваме отворените прашања во врска со спроведување на конкретните мерки, како и предлози за дефинирање на мерки за помош на компаниите за справување со актуелните состојби: I. Во врска со имплементацијата на воведените мерки и препораки за спречување на ширењето на корона вирусот, согласно заклучоците на Владата на Република Северна Македонија од 10.03.2020 година, од страна на приватниот сектор се поставуваат следните отворени прашања:
– Постои неконзистентност помеѓу формулираните заклучоци во извадокот од Нацрт-записникот на Владата на РСМ одржана на 10.03.2020 година (кој беше проследен до стопанските комори) и објавеното соопштение на веб-страницата на Владата на РСМ, што создава забуни кај компаниите за нивното спроведување. Имено, од двата објавени документи не е јасно дали за приватниот сектор е задолжително спроведувањето на точка 3 од усвоените мерки, кое се однесува на ослободувањето од работа на вработените кои имаат деца на возраст до 10 години.
o Во точка 15 од записникот се предвидува кривична одговорност согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик за физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваат препораките. Различни се последиците од (не)постапувањето за компаниите, во зависност од тоа дали станува збор за задолжителна обврска или препорака, поради што потребно е јасно да им се расчисти на компаниите ова прашање. o Мерката е недоволно прецизно формулирана, што остава простор за злоупотреби во нејзиното искористување од страна на вработените лица – во воведените мерки не е прецизирано како ќе биде регулирано кој од двајцата родители ќе го користи ова право, и како ќе се спречи двајцата родители истовремено да се отсутни од работа. При тоа, не е дефинирано кои се потребните документи кои треба компанијата да ги обезбеди од вработените за контрола дека другиот родител ќе остане на своето работно место. Во врска со ова, се предлага оваа мерка да се допрецизира и да се дополни со флексибилно работно време. Истовремено, се предлага за спроведување на оваа мерка да се бараат дополнителни документи: Потврда од образовната институција која детето/децата ја посетуваат. Потврда за возраста на детето; Изјава дека другиот родител не ја користи оваа мерка; Изјава дека во семејството нема друг член на семејството кој би можел да ги згрижи децата за времетраењето на оваа мерка; o Да се предвиди соодветен механизам за ротација на родителите (во смисла, поделба на деновите на отсуството помеѓу двајцата родители, со цел да не падне на товар само на една компанија спроведувањето на оваа мерка) o Не е јасно дали и како треба да се спроведува оваа мерка во компаниите каде има работа во смени, со оглед дека работното време на градинките и училиштата е до 17:00 часот, а има деловни субјекти кои имаат работни процеси во текот на целото деноноќие. Ова особено што има компании кои имаат до 30-40%, а некаде повеќе од 70-80% од вработените кои би биле опфатени со оваа мерка, па се поставува прашањето дали ќе треба целосно да се прекинат работните процеси и кој ќе ги сноси последиците во таков случај. o За нејзиното спроведување, се поставуваат следните прашања: Како да се спроведуваат овие мерки во однос на работниците кои имаат некои специфични лиценци, или обуки за управување со машини и апарати од кои зависи
работниот процес, кои не може да бидат заменети со друг вработен? Доколку мерката е задолжителна и за приватниот сектор, на чиј товар ќе биде обврската за исплатување на платата за тие вработени и дали државата ќе обезбеди некакви дополнителни мерки за поддршка во овие случаи? Доколку мерката е задолжителна, заради обезбедување на непречено спроведување на работните процеси во компаниите, во некои компании може да биде потребно да се спроведува прекувремена работа – во таков случај, дали треба да се спроведуваат сите прописи од трудовото законодавство кои се однесуваат на пријавувањето на прекувремената работа, и на чиј товар ќе бидат трошоците за прекувремената работа на останатите вработени (дали има можност дел од овие трошоци да бидат надоместени од државата)? Дали отсуството од работа за овие категории на вработени ќе се смета како денови од годишен одмор, како неплатено отсуство, или ќе треба да се примени правилото дека во случај на отсуство од работа поради виша сила, на работникот треба да му се исплати само 50% од платата, согласно прописите од областа на трудовото законодавство (член 112 став 7 од ЗРО)? Дали мерката се применува и за вработени чии деца и до сега не биле згрижени во градинка?
– Да се дадат прецизни насоки, односно да се предвиди можност за компаниите кои согласно нивните интерни прописи, предвиделе работа од дома, истото да може да се спроведува без за тоа да треба да се известува државниот трудов инспекторат и да се спроведуваат другите обврски кои ја уредуваат работата од дома. – Во однос на спроведувањето на точка 20 од мерките содржани во нацрт-записникот од Владата на РСМ (времено да се ослободат од работа и работни активности бремените жени и хронично болните лица), не е јасно дефинирано дали и за оваа мерка се применува истиот рок до 14 дена, и дали треба да се достави некоја документација од вработените за да може да се применува на нив оваа мерка. – Согласно објавените насоки, стои насока дека на сите правни лица кои што произведуваат и/или увезуваат биоцидни производи односно средства за дезинфекција на раце, површина, подови и ѕидови во јавните и здравствените установи им се забранува извоз на горенаведените производи доколку Министерството за здравство не одлучи поинаку, и дека истата мерка важи и за сите правни лица што го користат, произведуваат и/или увезуваат алкохолот во разредена форма (Ethyl alcohol diluti), спакуван и обележан како готов производ. Истовремено, во нацрт-заклучокот од
Владата на РСМ (точка 11), стои дека се забранува извоз на медицинска опрема, средства и материјали – компаниите бараат допрецизирање што точно треба да се применува, односно за кои конкретни производи се применува забраната. Истовремено, со оглед дека извоз на ваков тип на производи е дозволен само со дозвола од Министерството за здравство, а за одредени репроматеријали и хемикалии потребни се увозни дозволи, неопходно е надлежните органи да го зголемат бројот на вработени кои работат на издавање на дозволите, за да се намали чекањето за овие процедури. – Компаниите бараат појаснувања какви мерки и препораки има за хотелите каде престојуваат или ќе престојуваат гости од подрачјето на Кина, Италија…..итн., и дали има препораки каде да се пријавуваат и како да постапуваат во овие случаи; – Компаниите укажуваат на потребата Државниот санитарен инспекторат да даде препораки за хотелските работници (како што има препораки од санитарните инспекторати од некои европски држави). – Потребно е појаснување за задолжителната самоизолација на кој начин и како ќе се направи (и за граѓаните на РСМ и за странски државјани што доаѓаат од високо и средно ризичните држави). Дополнително, се поставува прашањето дали правилата важат за возачи? Дали возач ако се врати со товарен камион со стока од Италија во Македонија ќе мора да оди 14 дена во карантин или во самоизолација?
- Во врска со спречување на ширењето на корона вирусот и обезбедување на непречено спроведување на работењето и намалување на штетните последици кои би можеле да настанат, компаниите ги даваат следните предлози:
– Да се дефинираат различни сетови на мерки кои ќе се однесуваат на деловни субјекти од различни индустрии и сектори. o На пример, одредени компании од хемиската индустрија (компании од фармацевската дејност, компаниите кои снабдуваат медицински гасови или снабдуваат храна во здравствените институции), чие непречено работење е од клучна важност за нормално функционирање на здравствениот систем, треба да бидат изземени од мерките и да се остави независно да го организираат своето работење. – Јасно да се дефинираат насоки како ќе треба да постапуваат компаниите во ситуација да се појави случај на заболен во определена компанија – дали ќе треба да се затвори целата фабрика и целосно да се запрат производните процеси, и да се предвиди мерки за поддршка на компаниите и исплатувањето на платите на вработените во ваквите ситуации. Ова особено што во државата има работодавачи кои имаат неколку илјади вработени, и нивното (не)работење може да има сериозни импликации во целиот систем.
– Во случај на неработење на компаниите заради актуелните состојби, компаниите го препорачуваат следното: Државата да предвиди флексибилност во роковите за плаќања на обврските од страна на компаниите, кои произлегуваат од даночната, царинската и друга регулатива; Владата да издвои одреден фонд и да утврди посебни мерки за помош на компаниите заради надоместување на штетите кои економските оператори би ги претрпеле, во случај на неработење на компаниите заради актуелните состојби; Да се предвидат модалитети за репрограмирање и флексибилност во отплата на месечни ануитети на деловните субјекти кон финансиските институции и за комуналните услуги; Да се разгледаат можностите за воведување на даночни и царински повластици за компаниите, за да им се излезе во пресрет на компаниите за справување со последиците од актуелните состојби. По направени анализи, да се предвидат определени регулаторни олеснувања за компаниите кои работат во погодените сектори, особено во случај на продолжен сет на мерки од Владата и дополнително порестриктивни мерки во поглед на движењето и продуктивноста на луѓето. Од страна на Владата на РСМ, да се формираат комисии по дејности, во кои ќе бидат вклучени претставници од стопанските комори, за согледување на состојбите по дејности и предлагање на мерки за ублажување на последиците предизвикани од актуелните случувања, на дневно ниво. Ова да се спроведува на начин што ќе се пропише задолжителна обврска за компаниите на дневно ниво да доставуваат информации, на формулар којшто ќе биде пропишан од Владата, за реално согледување на последиците, а со тоа, преку комисиите Владата да може соодветно да реагира со соодветни мерки и насоки за ублажување на настанатите состојби.


