Италијанскиот премиер Џузепе Конте објави дека сите трговски објекти во Италија ќе бидат затворени до 25 март, исклучок се продавниците за храна и аптеките. Мерката е воведена со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус.
Во телевизиско обраќање Конте нагласи дека фирмите треба да ги затворат сите оддели што не се одлучувачки за производството.
Во Италија во моментот се наоѓаат голем број македонски камионџии. Веќе два месеци надвор од Македонија е и штипскиот камионџија Методи Горгиев.
„Граничните премини се затворени, има голем застој од 70 – 80 километри. Не можеме да се качиме на брод, бидејќи не не пуштаат како патници, може да се товараат само камиони и приколки без шофери. Од автопат може да се излезе само ако има место за истовар во таа провинција. На секој излез има полицајски коли и контроли што казнуваат. Моментално е отворена границата со Швајцарија, но со Франција, Австрија и Словенија се затворени“, кажува Горгиев, за Канал 77.
Камионџиите не можат да ги напуштат автопатот.
„По автопатот може да паркираме. Ако има помош од самата држава да донесат тоалети, ладни сендвичи и слично“, вели Горгиев.
Горгиев на своите колеги им порача да не се крева паника и да се следат инструкциите, да се носат маски и ракавици и да се држат на оддалеченост еден од друг. Тој засега нема намера да се враќа во Македонија, бидејќи за тоа треба да одлучи компанијата за која што работи.