Полицискиот синдикат бара мерката за ослободување од работа да важи и за полицијата – ММС
ММС

Објавено на: 03/12/20 11:40 AM

Полицискиот синдикат бара мерката за ослободување од работа да важи и за полицијата

Македонскиот полициски синдикат реагира на одлуката со која вработените во полицијата, здравството, Царината, Армијата и противпожарните служби се изземени од препораките за отсуство од работа на еден од родителите кои имаат деца до 10 години.

– Ако  еднаквоста на човековите права е едно од главните општествени начела, а интересот за положбата на децата се смета за еден од најзначајните во секое општество кое има граѓанска определба, како синдикат сметаме прашуваме – зашто се дискриминираат децата на вработените лица во Министерството за внатрешни работи, се наведува во соопштението.

Од Синдикатот бараат Министерството за внатрешни работи да изнајде решение за ослободување од работа на еден од родителите во случај кога двајцата работат во рамки на МВР. Бараат ослободување од работа и на бремените жени, самохраните родители, на родител на лица до 26 години кои се сместени или користат услуги во центрите за попреченост, како и на вработени со хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни заболувања, дијабет – ТИП1, малигни заболувања и имуно-компромитирачки состојби.

– Сите ние вработените во Министерството за внатрешни работи, професијата што сме ја одбрале и што чесно ја работиме, сме свесни дека истата носи ризици и откажувања од многу права кои ги има секој граѓанин на нашата држава и несомнено е дека припадниците во Министерството за внатрешни работи, биле, се и секогаш ќе бидат на браникот на државата и се едни од најповиканите кога државата е во тешки моменти, а притоа ни е јасно дека мораме максимално да одговориме на повикот. Но, што со децата на вработените во Министерството за внатрешни работи, во случај кога воспитно-образовните институции се затворени, велат од Синдикатот.

Синдикатот бара да се обезбедат и заштитни маски и гумени ракавици за сите вработени кои при вршењето на редовните работни задачи имаат директен контакт со странки.

МИА