Во Македонија има страв од акционерство – ММС
ММС

Објавено на: 03/10/20 4:10 PM

Во Македонија има страв од акционерство

Во емисијата „Стадион” на Радио Канал 77 консултантката Љубица Рубен, професорот Самир Латиф, адвокатот Драган Лазаров, брокерот Драган Илкоски, Иван Штериев, директор на Македонска берза, и професорот Горан Коевски зборуваа за акционерските права, малите акционери и нивните голготи по судските лавиринти, недоволното познавање на судиите на оваа материја, стравот од берзата на македонските бизнисмени и компании, кои се плашат од партнерски односи, споделување на управувањето, профитот и исплата на дивиденди, за ретките позитивни искуства на храбри инвеститори, за поттикнувањето на младите претприемачи, за можностите на дигиталното време и дигиталното финансирање.

Во емисијата беше презентирана и истражувачка сторија за примерот со „Порцеланка” и „Тето”.

– Акционерите своевремено беа колатерална штета заради стратегијата за приватизација и преземањето на компаниите без да се платат средства, за што имаше помош и толеранција од сите институции во државата. Се’ уште нема реална правна заштита на малцинските акционериа – рече Љубица Рубен.

Македонија пред три децении прејде од еден во друг систем неподготвена и во политичка и во економска смисла. Со почната полуприватизација од времето на Анте Марковиќ, за набрзо потоа да добиеме околу 300.000 акционери, од кои сега останаа 66.000.

– Сите сегменти во општеството не беа едуцирани. Работниците акционери, не одеа на акционерски собранија, се жалеа дека директорите крадат и штрајкуваа иако како акционери можеа да ги сменат. Тогаш немаше ни берза па трансакциите се одвиваа интерно и на сомнителен начин – истакна Самир Латиф.

Професорот Латиф потенцира дека регулативата е добра но треба да се работи на едуцирање против стравот од акционерството. Порано наши компании не исплаќале дивиденда, за сега во изминативе две години цената на акциите и на дивидендите да растат и до 400%.

Берзата заживеа 2007 година, вредноста на акцијата отиде до небо, луѓето се позајмуваа, купуваа, па паднаа нагло и седум/осум години немаше никакво движење, па сега веќе две ипол години берзата повторно се динамизира.

Нашата берза не реагираше на корона вирусот, а во светот најголемите берзи паднаа над 15 % и доколку проодлжи овој тренд на ширење се очекува индексите да паднат до 40 проценти.

Брокерот Драган Илкоски нагласи дека повеќето компании се’ уште не ја сфаќаат предноста од котирање на берза. Иако тоа може да биде и добра реклама за нив, како да се плашат од транспарентноста.

– Законот за трговските друштва не е напишан во камен и во одредени делови е веќе подготвен за измени во чекор со модерните случувања, пред се во Европа – вели адвокатот Драган Лазаров, кој се залага за отворање посебни трговски судови, за да не се случува предмети за акционерски права да ги водат неупатени судии кои судат за бракоразводни постапки, за ниви и меѓи…

– Постои страв кај компаниите и доминатните сопственици да не се разводни сопственичката структура, лесно се добиаваат кредити од доброкапитализираните банки – изјави директорот на Македонска берза, Иван Штериев. Тој вели дека со НАТО и ЕУ ќе растат акциите и интересот за нив, но потребни се поедуцирани судии, добри идеи, храбри инвеститори.
– Ние како пазар сме пред целосно хармонизирање со европските директиви. Оваа година ќе одиме кон ревизија на кодексот за корпоративното управување на котираните компании. Оптимизмот се чувстувува, минатата година индексот порасна над 30%. Но треба тука и некоја ферментација на металитетот, навиките, похрабри одлуки на новите генерации – изјави Штериев.

Според професорот Горан Коевски нивото на знаење е зголемено но потребна е промена на менталитетот за мотивирање на акционерството.
– Имаме добра легислатива за заштита на малите акционери, но примената е проблематична. Самите друштва но и судовите немаат доволно познавање и капацитет. Иако иднината е во финансирањето на бизнисите преку берзата, купување акции наместо штедење, за жал и моите студенти не сакаат да ризикуваат на берза.