Благој Нацоски од Италија: По декретот маркетите се испразнија,но денес се полни, пазаруваме со ракавици и на метар подалеку од другите – ММС
ММС

Објавено на: 03/10/20 4:00 PM

Благој Нацоски од Италија: По декретот маркетите се испразнија,но денес се полни, пазаруваме со ракавици и на метар подалеку од другите

Оперскиот пејач Благој Нацоски, кој живее во Италија, од лице место ни ја пренесе состојбата со корона вирусот, кој ја загрози Италија. Тој живее во Џенова, но заради настапи во моментов е во Палермо. Настапите се откажани а тој, како што вели, треба сега да побара дозвола за да се врати дома во Џенова, бидејки непотребните патувања се казнуваат.

-Јас сум одлично. Од денес е во сила еден вид вонредна состојба на целата територија на Италија, забранети се патувања без силни причини. Сите јавни места каде што се собираат луѓе се затворени. Италија најсериозно се занимава со вирусот. Италијанската политика е таква што како приоритет го става здравјето на луѓето пред другите интереси.  Затоа и се пронајдени највеќе случаи на заразени во Италија, едноставно се тестираат сите.

Во кој град си ти? Каква е состојбата и колку Италијаните се придржуваат кон забраните?

-Во моментов сум во Палермо каде во петокот требаше да имам премиера како и седум репризи. Но, нормално сите се октажани. А утре би требало да се вратам во мојот дом Џенова. Пред малку влегов во супермаркет каде на влезот ти даваат ракавици и апелираат да се движиш барем на еден метар од другите купувачи. Луѓето се повеќе излегуваат со маски, иако се апелира да се седи дома. До вчера, значи до пред последниов ригорозен декрет на Владата, имаше послабо придржување кон мерките, но денес е нешто друго а се надевам дека ќе биде уште поригорозно. Синојќа премиерот Конте ја објави забраната во 22 часот а веќе во 23 часот супермаркетите што работат 24 часа беа преполни. Тоа се погрешни панични постапки. Мислев дека денес ќе биде празен супермаркетот, но напротив, беше снабден со продукти како во нормални услови и имаше нормален број на купувачи. А јас нормално ќе треба да пополнам формулар дека се враќам во мојот дом за да можам  утре од Палермо да заминам за Џенова, бидејќи непотребни патувања ќе се гонат кривично.

Колку има заразени во Палермо и Џенова?

-Има секаде. До вчера беше седум во Палермо и 25 во Џенова.

А како се чувствуваш ти? Излегуваш, носиш маски, внимаваш со контакти?

-Јас се чувстувам одлично, се  уште не носам маска, бидејќи нема во аптеките да се купат. За среќа дома во Џенова имам стотина маски купени од Јапонија. Излегувам само на отворено и ете ако треба да купам храна, иако вчера бев на ручек со колеги во ресторан. Ама Палермо до вчера не спаѓаше во рестрикциите. Од денес не одам никаде. Доколку имам контакти сепак не се поздравувам со рака, се држам на дистанца. Над 50% од заразените во Италија се дома, или без симптоми или со симптоми на обична настинка или грип. Околу 30 проценти се во болници, додека 10 до 15 проценти имаат потребна од интензивна нега. Паниката спласна. Се одеше во крајности. Имаше тотално испанични луѓе и тотално незаинтересирани.

Весна Миленковска