Со поскапувањето на влезницата на 300 куни (околу 40 евра), Плитвичките Езера (Хрватска) стануваат еден од најскапите паркови во светот. Управата на тој национален парк тоа го оправдува бидејќи таа атрактивна дестинација станува загрозена поради големиот метеж од посетители.
Цената од 300 куни за возрасни се однесувала само за посети во јуни, јули, август и во септември, кога посетите се најголеми. За помлади од 18 години и за деца влезницата во тој период чини 16 евра. Тоа значи дека само влезниците за четиричлено семејство чинат 112 евра, плус трошоците за паркинг, храна, пијалак…, пишува агенцијата Хина.
Со тоа се сакало бројот на посетители да се ограничи на 12.000 дневно, а во минатите лета тој се движел помеѓу 15.000 и 16.000.
Речиси сите најпознати национални паркови во светот имаат поевтини влезници, кои се движат главно во границите од 3,5 до 35 евра. Да се види Големиот Кањон во САД треба да се издвојат 35 долари ако се доаѓа со возило или 20 ако се доаѓа пеш или со велосипед. За Јелоустон,исто така во САД, влезницата е 15 долари или 30, ако се доаѓа со автомобил. Посетата на Нијагарините Водопади во Канада е бесплатна.


