Facebook ги менува плановите за Libra, се откажува од независна криптовалута? – ММС
ММС

Објавено на: 03/5/20 3:32 PM

Facebook ги менува плановите за Libra, се откажува од независна криптовалута?

Facebook драстично ќе го намали обемот на својот проект за издавање на дигиталната валута Libra, во услови на зголемен притисок од финансиските регулатори и политичари, објави технолошкиот портал The Information.

Повикувајќи се на три извори од самата компанија, порталот наведува дека Facebook нема да ја промовира Libra како независна валута, туку првенствено ќе служи за деноминација на веќе постојните монети, како што се долари или евра.

Истите извори велат и дека Facebook ќе го одложи лансирањето на Calibra, дигитален “паричник” за електронски валути, со оглед дека платформата ќе биде креирана за сите дигитални пари.

Според новите планови, Calibra ќе излезе во октомври наместо ова лето (како што беше првично најавено) и нема во исто време да биде достапна ширум светот, туку само во одредени земји.

Од кога во јуни 2019 година најави своја дигитална валута, Facebook се соочи со голем број проблеми.

Libra требаше на корисниците да им биде достапна преку Facebook Messenger, WhatsApp или посебни апликации за Calibra, а со неа требаше да управува специјално непрофитно тело составено од технолошки компании, финансиски и невладини организации.

Во месеците откако неколку централни банкари од големите економии го критикуваа планот, проектот Libra започнаа да го напуштаат поединечни компании, по сигналот дека банките може, во согласност со локалните закони, целосно да одбијат соработка по прашањето Libra.

Извор: denar.mk