Сопствениците на Трансмет ги демантираат наводите на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, дадени во рамките на интревјуто во емисијата ,,Стадион“. Тие сметаат дека се изнесени невистини во однос на работењето на фирмата.
Чувствуваме потреба да се обратиме до актуелниот градоначалник на општина Ѓорче Петров кој во јавноста изнесе неколку невистини за случајот со општинската зграда односно јавно-приватното партнерство помеѓу општинта и Трансмет.
Трансмет професионално и одговорно ја вршеше дејноста и изграбата на трговскиот центар и општинската зграда се одвиваше без пречки и забрзано но откако СЈО го замрзна имотот и сметките, бевме приморани привремено да запреме со работа.
Градоначалникот Наумовски во неколку наврати енергично ги одбиваше сите наши предлози за изнајдување заедничко решение и продолжување на соработка.
Најоштро ги демантираме изјавите на градоначалникот дека средствата обезбедени како наменски кредит од банките за изградба на зградата се искористени на други места.
Тука би нагласиле дека НЛБ Тутунска Банка од неоправдани причини одлучи да не го исплати целиот износ на кредитот од 5 милиони евра, туку само 2 милиони евра со што изградбата дополнително се отежна.
Поради целокупната ситуација и блокадите од СЈО од една страна и НЛБ од друга страна пеналите за ненавремена изградба на зградата, кои дневно изнесуваат 4.000 евра се неосновано наплатени.
Општината Ѓорче Петров остана без општинска зграда не по вина на Трансмет, туку единствено и исклучиво поради не вршење на службената дејност на градоначалникот Наумовски кој категорично одбиваше да соработува со нас, со што нанесе штета на општината, се вели во соопштението на Трансмет.
ТРАНСМЕТ ДОО – Скопје