Средношколците од штипските училишта бараат враќање на стариот превоз со кој се превезувале од нивните домови до училиштата, бидејќи сега се принудени да одат со редовната меѓуградска линија, чија крајна точка е автобуската станица.
Учениците се жалат дека ваквиот превоз им создава дополнителни трошоци бидејќи за да пристигнат навреме на првиот час, мора да плаќаат такси од автобуската до училиштето.
Освен дополнителните трошоци, најголем дел од средношколците кои живеат подалеку, мора да стануваат уште пред зори за да стигнат прво до нивната локална автобуска станица, па после до Штип.
„Јас сум од село Ораевица, треба да станувам во 4:30 за овој линиски превоз. Многу ни е рано и не можеме да издржиме цел ден. За прва смена превозот ни е во 5:45 а овде стигнуваме во 6:20, имаме цел саат и нема што да правиме во Штип. За втора смена треба да се враќаме во 6:30 а за тој автобус треба да се ослободиме од два часа или да избегаме. Бараме да ни се врати стариот превоз“, вели средношколката Бојана Стојчева.
Баже Костадинов, превозник кој над десетина години ги превезува учениците од Радовиш и околните села, до Штип, вели дека вината не е во општината туку во Министерството за транспорт и врски. Имено во 2018 година се направиле законски измени, кои како што вели тој, се во интерес на одредена група превозници, кои го имаат монополот.
Костадинов вели дека ваквиот превоз воопшто не е во интерес на учениците и дека ќе бараат средба со ресорниот министер.
Од општината пак велат дека мора да го почитуваат законот таков каков што е. Тие распишале тендер кој е во интерес на учениците, но од Бирото за јавни набавки им било посочено дека мора да го почитуваат законот.
Средношколците бараат да им се врати превозот со кој досега патувале, во спротивно, најавија дека ќе ја бојкотираат наставата.