Жените на раководни позиции гарантираат поголема општествена одговорност, толерантност и одржлив развој на компаниите – ММС
ММС

Објавено на: 03/3/20 4:20 PM

Жените на раководни позиции гарантираат поголема општествена одговорност, толерантност и одржлив развој на компаниите

Преку анкетни листови и посети на компании, обработени се податоци за застапеноста на жената во раководните структури на повеќе од 100 економски субјекти. Здружението на жени-менаџери „Елит“ денес ги презентираше крајните резултати од нивниот проект „Платформа“.

Целта на истражувањето е во насока на идентификување и анализа на состојбата во претпријатијата во државата, односно на партиципативноста на жената во управувачките структури, како и создавање, развивање и промоција на првата стартер база на податоци за жените на управувачки позиции во претпријатијата.

-Ние сепак ја направивме, ја креиравме стартер базата, која е многу важна бидејќи е прва од овој тип. Ќе претставува база од каде ќе се црпат статистички податоци за жените, за проекти и програми, но и понатаму ќе се види бенефитот од таа база која континуирано ќе се надградува, вели Ленка Угриновска од „Елит“.

Препораките на здружението се базираат на наметнување обврска на компаниите и државните институции за водење родово чувствителна статистика за сите аспекти на бизнисот, законска обврска за дизајнирање и спроведување позитивни мерки за постигнување врамнотежена застапеност на жените и мажите на сите работни места.

-Жените во раководењето се посебни, потолерантни, имаат повеќе грижа кон вработените, се однесуваат домаќински и придонесуваат за поголем одржлив развој на компаниите, додаде Угриновска.

Од здружението заклучија дека малата застапеност на жените во голема мера се должи на традиционалната распределба на улогите во општеството и таквиот наметнат општествен наратив.