Откако е потврден првиот случај на заразено лице со коронавирус во земјава, како што рече премерот Оливер Спасовски, околу 250 патници од ризичните зони од Италија дошле со автобуси, а околу 70 со сопствени возила во земјава.
Тој денеска заедно со министерот за здравство Венко Филипче беше во посета на Граничниот премин Табановце каде проверуваа дали се спроведуваат препораките на Кризниот штаб и Владата за превенција од ширење на коронавирусот.
– Сите тие биле подложни на котрнола, извршени се консултации со епидемиолози кои 24 часа работат и се достапни за граничните премини, немало случај кој требало да биде изолиран или тестиран, тоа покажува дека сите процедури кои ги спроведуваме тука се ефикасни, рече премиерот Спасовски.
Во однос на зголемување на цените на заштитни маски и средства за дезинфекција, Спасовски најави дека Владата најостро ќе реагира, затоа што во рамки на криза не може никој да профитира.
На Граничниот премин Табановце има посебна соба за изолација и доколку некој патник покаже симптоми истиот веднаш се става на страна и се испитува, појасни министерот за здравство Филипче.
Заболената од коронавирус во земјава е во добра состојба, појасни тој.
– Пациентката на Клиниката за инфективни болести се чувствува добро веќе трет-четврт ден е без температура, сметам дека полека влегува во постабилна фаза од болеста, нема пациенти кои во моментот се тестираат. Новина е што вчера стигнаа контролните резултати од лабораторијата во Германија кои ги потврдија сите наши тестови, негативните и позитивниот, изјави Филипче.
Од утре со помош на локалните самоуправи, како што најави министерот за здравство, приборот за дезинфекција кој веќе е набавен ќе се достави до училиштата.


