Успешно е завршен уште еден важен проект започнат во 2019 година – за прв пат е обезбедена спортска опрема за припадниците на Армијата, во првата фаза 1.200 целосни комплети за војниците во касарната Илинден, касарната во Штип, Генералштабот и Воената академија. До крајот на годината комплетно нова спортска опрема ќе има за сите припадници на Армијата, информираше министерката за одбрана Радмила Шекеринска при денешната посета во касарната „Илинден“.
„За да биде тука тогаш кога и треба на државата и тогаш кога им треба на граѓаните и во мирни околности, без криза треба да вложуваме во Армијата. Владата покажа навистина дека вложува во својата Армија, вложува со поголеми плати, но вложува и со подобри услови за работа“, рече министерката Шекеринска.
Овој процес беше само првиот чекор, рече министерката и додаде дека во следните денови започнува и втора фаза со која се очекува до крајот на годината, буквално сите припадници на нашата Армија да имаат целосно комплетираната нова спортска опрема која заедно со инвестициите во спортски справи ќе ни донесе и физички поподготвена Армија и Армија која што навистина ќе знае дека од нејзе се очекува многу повеќе.
Добрата физичка подготвеност и добриот квалитет кај армиските припадници можеше да се види и на интернационалниот натпревар во мал фудбал во Кабул, Авганистан, каде нашите мировници во конкуренција на девет екипи го освоија првото место и го подигнаа победничкиот пехар.