Судовите во Македонија ги одбегнуваат пробациските мерки – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/20 3:40 PM

Судовите во Македонија ги одбегнуваат пробациските мерки

Еден ден затвор чини 950 денари, наспроти 50 денари за пробациски третман, но законот за пробација во Македонија скоро и да не функционира. Во источниот регион, со вклучени 18 општини во меѓуинституционална мрежа за имплементација на законот за пробација, има изречено само осум мерки за општокорисна работа. Иако законот е доста поволен за општеството и за самата држава, судовите во Македонија, се’ уште не одобруваат пробациски мерки, покажа истражувањето на здружението Зелена Лупа.

„Симптоматичен е струмичкиот суд и покрај тоа што пред еден месец беа поднесени 10 барања за условен отпуст. Сите од нив беа одбиени, без образложение. По наш разговор со судските работници, утврдивме дека имало можност минимум четири пробациски мерки да бидат одобрени. Дали е став или судот во Струмица го бојкотира законот останува во иднина да истражиме и да го поправиме“, изјави Васко Тодоровски, директорот на Зелена Лупа.

Во Македонија од вкупниот број на осудени лица, повеќе од 25 отсто завршуваат во затвор, наспроти пет отсто во Германија.  Според директорот на управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, придобивката од пробацијата е токму тоа што ќе го намали бројот на осудени лица кои ќе завршат во затвор.

„Ова е една добра мерка која е корисна за нашето општество, на начин што ќе нема пренатрупаност во затворите и ќе нема зголемени трошоци околу осудените лица. Бенефитот ќе биде повежекратен, овие осудени лица ќе бидат мониторирани и следени од пробациските службеници. Придобивка ќе има и кај другите институции  – бирото за вработување, министерството за труд и социјала, кои ќе имаат можност да ги следат овие сторители на кривични дела и да ги реинтегрираат во општеството за да не се јавуваат како повторни сторители на кривични дела“, рече Стојановиќ.

Пробациската канцеларија во Штип, има успешно реализирани шест случаи кои се на условен отпуст со заштитен надзор. Суштината на ваквите канцеларии е осудените лица да се ресоцијализираат и реинтегрираат во оштеството.