Нема нови случаи на коронавирус, надлежните и екпертите велат нема место за паника – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/20 8:00 AM

Нема нови случаи на коронавирус, надлежните и екпертите велат нема место за паника

Нема нови случаи на лица позитивни на коронавирус во земјава. Негативни се тестовите на трите лица кои со симптоми на грип вчера се јавиле на Инфективната клиника. Според надлежните и експертите, простор и причина за паника нема. Ситуацијата е под контрола, постојано се следи, а институциите се подготвени за брза реакција и ги преземаат сите неопходни мерки согласно меѓународните протоколи. Граѓаните треба да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство, да се однесуваат одговорно и да не шират дефетизам.

Единствен случај на лице заразено со коронавирисот останува веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје, која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај заразен со вирусот Ковид-19.

-Пациентката, кај која беше потврден коронавирус се чувствува добро, има лесна клилничка слика и нема посериозни компликации, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Тој информираше дека 12 лица, од кои две деца, кои биле во контакт со оваа пациентка се во домашна изолација и не смеат да го напуштаат живеалиштето ниту некој да им доаѓа на гости. Тие се здрави, немаат никакви симптоми. Филипче потенцира дека на овие лица храна и вода и други потребни намирници ќе им доставуваат припадници на Црвениот крст.

Останува во сила препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и препораката да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба.

Владата претходно формира координативно тело, а состанок одржа и Комисијата за заразни болести на кој беа потврдени заштитните мерки. Обезбеди и соодветни објекти, како и простории за дополнителна изолација, ако за тоа евентуално се јави потреба. Потребната опрема и прашалниците што треба да ги пополнат патниците кои влегуваат во државава, се дистрибуирани до аеродромските служби и граничните премини.

Во меѓувреме, поради новонастанатата ситуација со зголемениот број заболени во Италија, присуството на коронавирус во Хрватска, како и потврдениот прв случај во Грција, откажани се сите екскурзии кои ги организираат државните институции, основните и средните училишта.

ЈСП Скопје соопшти дела ќе започне со дополнителна (вонредна) дезинфекција на возилата вклучени во јавниот превоз, како и на кабините на Жичарницата на Водно. Секој автобус по завршување на смената и утврдената рута, ќе биде дезинфициран со соодветно средство на база на алкохол и Дезинтал 10%, односно со распрскување ќе се третира внатрешноста на автобусот, а рачно ќе се дезинфицираат и одделни делови од возилото како ракодржачи и слично.

Дополнителната дезинфекција се презема како мерка за заштита од коронавирусот со оглед на тоа што јавниот превоз во Скопје секојдневно во просек го користат 115.000-130.000 граѓани, а стотици граѓани ја посетуваат и ја користат Жичарницата.

Дополнителната (вонредна) дезинфекција ќе се врши секојдневно, се до добиените нови препораки од надлежните институции кои ја следат состојбата со корона вирусот.

Регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клухе, кој е во посета на земјава смета дека подготвеноста на властите во справувањето со корона вирусот е одлична.

-Им честитам на властите, бидејќи Северна Македонија направи проценка на капацитетите дали има доволно човечки ресурси и инфраструктура, дури и пред да се појави првиот случај на болеста, изјави тој во интервју за МИА. Според него, Северна Македонија ги применува сите стандардни оперативни процедури на влезните точки, вклучително и на меѓународните аеродроми.

На прашањето на МИА дали има место за паника, и колкава е смртноста од корона вирусот во споредба со сезонскиот грип, Клухе вели дека нема причина за паника.

– Ќе бидам директен, му се обраќам на прекрасниот народ на оваа земја – не постои причина за паника. Јас како специјалист за инфективни болести имам целосно разбирање за загриженоста на луѓето за нивното здравје и здравјето на нивните семејства. Вирусот е нов, затоа имаме сериозен пристап. Но, треба да запомниме – денеска има 81.000 случаи, од кои 97 отсто се во Кина, а останатите три надвор од Кина, во 47 земји, рече Клухе.

Освен здравствени проблеми, појавата и ширењето на коронавирусот може да предизвика и економски проблеми. Директорот на Делегацијата на германското стопанство во државава Патрик Мартенс вели дека станува збор за глобална криза, која нема да предизвика застој само во Македонија, туку и застој и во стопанството во целиот свет.

– Да, ќе има делумно влијание на стопанството во Македонија. Но, сметам дека македонското стопанството во брз и краток рок ќе успее да се опорави од тоа. Поголемиот проблем со кој се соочуваме моментно во земјата е недостигот на стручен работен кадар кој ние, како Делегација на германското стопанство се обидуваме преку нашиот проект за дуално стручно образование што го имплементираме во земјата да го помогнеме, рече Мартенс, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на панелот за очекувања и предизвиците на бизнисот што го организираше Делегацијата.

Коронавирусот првпат се појави во Вухан, Кина, на 12 декември 2019 година. По брзото ширење на болеста, големиот број жртви и заразени, Светската здравствена организација (СЗО) на 30 јануари прогласи „меѓународна вонредна состојба”.

Болеста се пренесува преку респираторните патишта (кивање и кашлање), но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматски, во зависност од манифестациите на болеста. Клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хроинично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 проценти од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, кај 15 отсто има некои компликации, а кај пет проценти има сериозни компликации. Смртноста е близу два процента.

MИА