Детските игри што ги играле нивните родители, баби и дедовци, денска се играа во дворот и на спортските терени на ООУ „Методи Митевски Брицо“ од Лозово. Учениците домакини ги играа со врсници од градовите Лариса во Грција, од Хаџидимово во Бугарија, од северна Португалија како учесници во проектот Мобилност, финансиски поддржан од програмата Еразмус плус. Поради состојбата со коронавирусот во Италија не се присутни само учениците од градот Боза, Сардинија.
– Сите ние учествуваме во проект со цел за промовирање на трајни европски вредности и на играта како вектор на учење, рече координаторот на проектот професорката Светлана Стојковска.
Реализацијата на проектот е голема обврска за еден директор но штом станува збор за дечиња и колеги од различни земји и тоа со цел да научиме повеќе едни за други тогаш тоа е богатство за училиштето и тимот што го имам, рече директорот Горанче Велков.
– Неопишливо е чувството кога ги гледаш децата и нивната сплотеност заедно да играат игри покрај различностите. Јас во моментов сум навистина среќна личност, додаде Велков.
Професорките Евангелија Михаил од Лариса, Грција, Заприна Глушкова од Хаџидимово, Бугарија и Агустина Гомез од северна Португалија ги споделија своите впечатоци и искуства.
-Прв пат сум во Македонија и морам да кажам дека вашата влада беше многу во право кога кажа „Ние сме Македонија“. Сите овде се некако смирени, гостопримливи, љубезни луѓе, додаде Михаил.
-„Народна игра“, „Криеница“, фудбал, кошарка, волејбол се игрите кои се играле во нашиот крај и тие се играат во сите земји партнери во овој проект само под различно име, додаде Глушкова.
– Иако ние сме сите различни, само затоа што доаѓаме од различни земји, треба да не научи да ги респектираме правилата на живот, да бидеме потолерантни и учениците да научат да ги почитуваат игрите на постарите генерации, додаде Гомез.
До недела ООУ „Методи Митевски Брицо“ во Лозово ќе биде домаќин на детските игри, насмевки, пријателство и другарство на партнерите во овој проект. Во сабота нивен гостин ќе биде и Атиџе Муратова ѕвездата на документарниот македонски филм „Медена земја“ со која ќе разговараат за зачувување на природата, за пчелите и медот произведен во Медена Македонија.
Убавка Јаневска